Јапонија не може да потврди дали се протечени информации поврзани со нејзината безбедност

Јапонија не може да потврди дали се протечени информации поврзани со нејзината безбедност, изјави денеска портпаролот на јапонската Влада како одговор на прашање за извештајот на Вашингтон пост дека кинески хакери добиле пристап до јапонските одбранбени мрежи.

Повикувајќи се на високи функционери, Вашингтон пост вчера објави дека во 2020 година, кинески воени хакери добиле пристап до тајна одбранбена мрежа во Јапонија и добиле информации за воените способности, планови на сојузникот на САД, Јапонија.

Откако дознал за ова, шефот на американската Агенција за национална безбедност пристигнал во Токио за да го извести јапонскиот министер за одбрана, кој пак побарал од американските власти да го известат и премиерот, се вели и во написот на американскиот весник.

На редовна прес-конференција денеска, главниот јапонски секретар на кабинетот Хироказу Мацуно рече дека Јапонија и САД секогаш одржувале блиски врски на различни нивоа.

-Поради природата на предметот, не можам да дадам повеќе детали за комуникациите, но не потврдивме дали се откриени информации поврзани со безбедноста како резултат на кибер напади, додаде тој.