Јапонија под високи температури, на Токио му се заканува недостиг од струја

Јапонските власти во понеделникот предупредија на можен недостиг од електрична енергија, пренесува AFP и додава дека главниот град Токио бележи рекордни високи температури со најкратка дождовна сезона во неговата историја.

„Ја замолуваме јавноста во вечерните часови да ја намали потрошувачката на електрична енергија, бидејќи во поширокото подрачје на Токио резервите на струјата се на најниското ниво“, порача помошникот генерален секретар на јапонската влада, Кошихико Исозаки.

Владата, исто така, на населението му советуваше да се заштити од горештините за да се избегнат топлотни удари.

Во Токио температурата се искачила на 35 Целзиусови степени, а сѐ до недела нема да падне под 34 степени, извести Јапонската метеоролошка агенција (ЈМА).

Во селото Исесаки, околу 100 километри северно од Токио, измерени се рекордни 40 Целзиусови степени.

Од ЈМА, исто така, додаваат дека дождовниот период во регионот Канто, во кој се наоѓа Токио, завршил 22 дена порано од вообичаеното. Сезоната на дождови завршила и во централниот дел од земјата, како и на дел од островот Кјушу.

„По сезоната на дождови, голем број луѓе сѐ уште не се навикнале на горештините, и постои ризик од топлотни удари“, предупредуваат метеоролозите.

Јапонците велат дека секоја година јули и август се топли, но истакнуваат дека не паметат толку високи температури во јуни.