Јапонија забранува влегување од САД, Кина и Европа, можна блокада на Токио

Јапонија ќе им забрани влегување на странци кои патуваат од САД, Кина, Јужна Кореја и повеќето земји од Европа, во обидите да се спречи ширењето на коронавирусот, објави во понеделникот дневниот весник Asahi.

На сите кои не се Јапонци, а престојувале во некои од споменатите области последените две седмици, ќе им биде забранет влезот во земјата, додава весникот. Токио, исто така, би можел да го забрани влезот на патниците од некои земји од југоисточна Азија и Африка, пишува весникот Asahi, повикувајќи се на неименувани извори од владата.

Јапонија засега го забранува влезот само за граѓаните од некои делови од Јужна Кореја, Кина и многу европски земји. Оние кои доаѓаат од САД, Кина и Јужна Кореја, мора да одат во двенеделна самоизолација.

Иако Јапонците нема да бидат погодени со оваа забрана, таа ќе биде донесена поради зголемувањето на бројот на заразите во Јапонија, поради што се стравува дека премиерот Шинзо Абе би можел да прогласи вонредна состојба во земјата, потег кој би создал услови за изолација на Токио.

„Се наоѓаме во критична фаза“, изјави главниот владин секретар Јошихиде Суга на прес-конференција во понеделникот.

Изолацијата во Јапонија би се разликувала од строгите мерки воведени во некои делови на Европа и САД. Локалните власти во Јапонија, инаку, според законот можат само да ги повикаат граѓаните да останат во домовите, што не е правно обврзувачки.

Аналитичарите велат дека таквиот потег ќе нанесе огромна штета на економијата, која е веќе на работ на рецесија поради пандемијата. Веќе се откажани Олимписките игри во Токио летово, загрозени се синџирите за снабдување и намалена е потрошувачката поради откажувањата на мноштво настани и затворање на продавниците.

„Расте можноста за блокада на Токио. Тоа би значело запирање на протокот на крв низ јапонското стопанство“, вели Хидео Кумано, главен економист при истажувачкиот институт „Dai-ichi Life“. Додава дека блокадата на Токио од еден месец би резултирала со намалување на јапонските стопански активности од 47 милијарди американски долари, односно за речиси еден отсто.

Премиерот Абе вети голем пакет за поттикнување на стопанството, поголем и од оној за време на глобалната финансиска криза, во борба против коронавирусот.

Во Јапонија се заразени со коронавирусот речиси 1.900 луѓе, од коишто до неделата попладнето по локално време починале 56 луѓе. Во овие бројки не се вклуечени 712 заразени и 10 починати на крузерот во февруари, наведува телевизијата NHK.