Јапонска Но-изведба првпат во МНТ

Во Македонскиот народен театар првпат вечерва ќе се изведува традиционална уметност од Но-театарот „Јамамото“ со 21 учесник, вклучувајќи и тројца носители на сертификат за нематеријално културно добро доделен од страна на Владата на Јапонија.

На програмата се делата „Хагоромо“ (Перјаното руво) и „Цучигумо“ (Земјениот пајак) со титли на англиски и на македонски јазик.

Настанот е во организација на Амбасадата на Јапонија, МНТ, поддржан од Министерството за култура на Република Северна Македонија.

Во МНТ вчера студенти од втора и трета година на Факултетот за драмски уметности имаа можност да посетат работилница, на која ги учеа техниките на Но-театарот. На околу 20 студенти професорот Јамамото и останатите членови на јапонската театарска трупа им ги покажуваа вештините на оваа театарска форма, ги учеа како се користат маските во изведбите, кои движења какви значења имаат во претставата, а исто така учеа и да пеат јапонска песна проследена со традиционални музички инструменти.

Но-театарот e вброен во листата на УНЕСКО за светско нематеријало културно наследство. Настанал пред околу 650 години и е најстарата зачувана сценска уметност, која до ден-денес се изведува непрекинато и без да претрпи значајни промени.

Основоположници на Но се актерите и писателите Кан-ами и неговиот син Зеами од 14 и 15 век.

Тие успеале да направат спој од бројни танци и изведувачки уметности кои постоеле во тие векови. Заштитници на Но отсекогаш биле високата класа на самураи, на чело со шогунот Ашикага. Оваа уметност својот врв го има доживеано во доцниот 16 век за време на владеењето на Тојотоми Хидејоши.

По крајот на феудализмот, кон средината на 19 век, Но ја губи државната поддршка. Сепак, останува да биде уметност на високата класа и е поддржувана од водечки бизнисмени. На тој начин, традицијата на Но успева да опстои до денешно време, кога уметноста зазема централно место во естетиката и културниот идентитет на Јапонија.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.