Јапонски министер го посети контроверзното светилиште Јасукуни

Јапонскиот министер за индустрија Јасутоши Нишимура го посетил во саботата контроверзното светилиште Јасукуни во Токио, посветен на загинатите во Втората светска војна, со што стана првиот член на владата на новиот премиер Фумио Кишида кој го стори тоа, пренесе агенцијата Kyodo.

„Решив да сторам сѐ што можам за мирот и развојот на Јапонија, мислејќи притоа на покојниот премиер Шинзо Абе“, изјавил Нишимура за новинарите.

Нишимура ѝ припаѓа на партиската фракција којашто ја водеше Абе, а кој беше убиен во атентат во јули на предизборен настап.

Премиерот Кишида го одреди Нишимура да го води министерството за економија, трговија и индустрија во реконструкцијата на својот владин кабинет претходно оваа среда.

Светилиштето Јасукуни во Кина и во Јужна Кореја го сметаат за симбол на јапонската воена агресија, бидејќи им оддава почест, покрај на 2,5 милиони воени жртви, и на 14 јапонски челници од Втората светска војна кои се осудени како воени злосторници пред сојузничкиот суд.

Јужна Кореја изрази „длабоко разочарување и жалење“ поради посетата на Нишимура. Светилиштето ја „глорифицира јапонската агресорска војна и им оддава почест на воени злосторници“, соопшти министерството за надворешни работи во Сеул.

Покојниот премиер Шинзо Абе го посети овој храм во декември 2013 година, набрзо откако ја презема должноста, но не и во текот на остатокот од мандатите за да не ги провоцира Јужна Кореја и Кина.