Апостолска: Владата го унапредува системот за поддршка на стопанството

Министерката без ресор задолжена за странски инвестиции, Зорица Апостолска денеска имаше работна средба со регионалната комора при Стопанската комора на Македонија во Струмица, на која беа презентирани измените и дополнувањата на Законот за финансиска поддршка на инвестициите.

Претставувајќи ги измените на законот министерката Апостолска, како што соопштија од нејзиниот Кабинет, истакнала дека преку зголемување на опфатот на компаниите кои може да се квалификуваат за мерките и поедноставување на процедурите за аплицирање Владата го унапредува системот за поддршка на стопанството.

-Целта која сакаме да ја оствариме е да ја засилиме динамиката на стопанството преку ослободување на потенцијалот кој е акумулиран во ИТ секторот, секундарното земјоделско производство, како и кај компаниите кои се занимаваат со трговија, а имаат отпочнато продуктивна инвестиција минатата година. Се отвора простор за финансиска поддршка и за градежните компании кои имаат направено набака на машини и опрема, односно имаат развиено производствена компонента во своето работење, посочила министерката Апостолска.

Во тој контекст додала дека со последните измени на законот и новоформираните компании добиваат можност да се квалификуваат за некоја од мерките со тоа што ќе бидат исклучени од условот за пораст на приходите од работењето и бројот на вработувања.

Министерката Апостолска на средбата ги повикала претставниците на компаниите членки на Стопанската комора на Македонија од источниот регион да го искористат дополнителниот простор за финансиска поддршка кој им се овозможува со измените на законот и преку нови инвестиции да дадат импут во пидигнувањето на нивото на општата благостојба во општеството.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.