Apple ги тргна сите апликации од руската VK

Речиси сите апликации во сопственост на компанијата VK веќе не се достапни за преземање од AppStore. AppStore на Apple во понеделникот ги блокираше повеќето апликации кои доаѓаат од рускиот екосистем VK, вклучително и најголемата услуга за социјално вмрежување во земјата, VKontakte. Американскиот технолошки гигант досега јавно не соопшти никакви причини за овој потег.

Отстранувањето, исто така, влијаеше на групата VK Music, таблата за огласи Youla, платформата за недвижнини Domclick и други апликации. VK holding (претходно позната како Mail.ru Group) го потврди отстранувањето на апликациите, уверувајќи ги корисниците дека веќе инсталираните апликации ќе продолжат да работат на уредите на Apple.

„VK ќе продолжи да развива и поддржува апликации за iOS. Нашите експерти прават сè за да ја задржат и продолжат да ја подобруваат удобноста на корисниците“, се вели во соопштението на компанијата, признавајќи, сепак, дека крајните корисници може да имаат проблеми со плаќањата.

Apple се нема огласено по ова прашање и не даде причина за отстранување на апликациите на VK.

Руското Министерство за дигитални прашања соопшти дека ја контактирало компанијата со официјална истрага за отстранување на апликациите.

„Министерството за дигитални прашања испрати барање до Apple Inc за причините за бришење на VK апликациите и програмерските сметки, нагласувајќи го општественото значење и обемот на користење на услугите што ги обезбедува руската компанија“, соопшти Министерството, додавајќи дека откако компанијата ќе одговори на барањето, ќе следи неодреден „план за акција“.

Отстранувањето на апликациите од AppStore доведе до пад на акциите на VK на руската берза, губејќи повеќе од 20% во понеделникот. Цената донекаде успеа некако да се врати назад, добивајќи повеќе од 7,5% денеска.