Apple и Goldman Sachs ќе издадат заедничка кредитна картичка

Американскиот технолошки гигант Apple и финанансискиот колос Goldman Sachs се подготвуваат да лансираат заедничка кредитна картичка, пишува весникот The Wall Street Journal.

Кредитната картичка ќе го носи брендот Apple Pay и може да биде пуштена во оптек на почетокот на следната 2019 годна и да го замени досегашното партнерство на Apple со британската банка Barclays, пишува финансискиот дневен весник повикувајќи се на неименувани извори.

Во Apple се решиле на овој чекор во рамките на пренасочувањето на својот фокус на приходите од интернет услугите и содржините, а Goldman Sachs сака повеќе да заработи од активностите со потрошувачите. Од технолошкиот гигант не сакале да го коментираат написот на The Wall Street Journal.

Apple се’ уште остварува најголем дел од своите приходи со продажба на паметните телефони iPhone и во првиот годинешен квартал забележал силен скок на добивката, што ги ублажи стравувањата од неповолниото влијание на тензиите во кинеско-американските односи врз продажбата на овој вид мобилни телефони.

Аналитичарите особено го издвојуваат големиот скок на приходите на Apple во секторот услуги, коишто го сметаат за важен елемент на проширувањето на работењето и намалување на зависност во приходите од продажбата на потрошувачките уреди. Скокот на приходите од услугите за 31 отсто, на 9,2 милијарди долари, припишан е на на поголемите приходите од програмите Apple Pay и Apple Music.