Apple стана првата компанија во САД со капитализација од трилион долари

Американскиот технолошки гигант Apple стана првата корпорација во САД чијашто пазарна капитализација во моментов надминува еден трилион долари, покажуваат податоците од американската берза NASDAQ од четвртокот 2-ри август, кога акциите на компанијата скокнаа до 207,05 долари по акција.

Подоцна цената на акцијата на Apple падна до 206,6 долари во 18,48 часот по македонско време. Од почетокот на годинава, котирањето на берзанските акции на компанијата се зголемија за 22 отсто.

Интересно е притоа што грешка во програмата доведе до предвремено објавување на рекордното ниво. Имено, апликациската програма на компанијата Apple за следење на берзанското котирање Apple Stocks предвремено објави дека капитализацијата на корпорацијата достигнала трилион долари. Како што пишува весникот The Independent, информацијата за рекордот се базирала на погрешни податоци внесени во програмата.

Во вторникот, на 31-ви јули, Apple го објави редовниот квартален извештај за резултатите од своите финансиски активности, коишто се покажаа подобри отколку очекувањата на пазарот. Поради тоа, берзанските понуди на компанијата тргнаа кон самиот врв и нивната вкупна вредност се зголеми до трилион долари. Сепак, истовремено со објавувањето на извештајот, Apple изведе операција на откуп на своите акции, што доведе до намалување на бројот на овие хартии од вредност кои беа понудени на пазарот.

Како што коментира споменатиот британски весник, како резултат на тоа, цената на акцијата, којашто е неопходна за надминување на прагот од еден трилион долари, порасна од 204 на 207,5 долари за акција. Податоците за откупот на акциите не биле внесени своевремено во програмата Apple Stocks, така што предвремено беа објавени податоците за надминување на капитализацијата од трилион долари.

Инаку досега во историјата единствена компанија во светот чијашто капитализација достигна трилион долари беше кинескиот нафтен концерн „Petrochina“. На 5-ти ноември 2007 година оваа компанија ги повлече своите акции од Шангајската берза. Благодарение на ткн агиотажна побарувачка, капитализацијата на компанијата за неколку дена достигна трилион долари, но набрзо започна остро да опаѓа. Веќе по една година, во ноември 2008 година, вклучувајќи ги последиците од глобалната финансиска криза, „Petrochina“ чинеше пет пати помалку – 200 милијарди долари. Во моментов, пак, нејзината капитализација изнесува 196 милијарди долари.

Според кварталниот извештај на Apple, во третото тримесечје од фискалната година, нето добивката на компанијата изнесува 11,52 милијарди долари, што е за 32 отсто подобро од истиот период минатата 2017 година, додека приходите се зголемиле за 17 проценти, на 53,26 милијарди долари. Од компанијата истакнаа дека ова е најдобриот показател во третиот квартал во сите години од основањето. Во Apple очекуваат дека нивните приходи во четвртиот квартал од годинава ќе изнесуваат меѓу 60 и 62 милијарди долари.

Основана во 1976 година, компанијата Apple е најшироко позната како производител на паметните телефони iPhone, кои од почетокот на продажбата во 2007 година предизвикаа раст на акциите за 1.100 отсто, таблетите iPad, лаптопите MacBook, персоналните компјутери iMac, музичките плеери iPod и други високотехнолошки уреди. Корпорацијата со седиште во Купертино, во сојузната држава Калифорнија, е една од најголемите во светот.

Покрај Apple, до прагот од еден трилион долари е блиску и компанијата Amazon, чијашто капитализација во моментов се проценува на 870 милијарди долари, како и Alphabet со капитализација од 850 милиони долари.