Апсење во Италија во врска со корупцијата во Европскиот парламент

Даночната консултантка на поранешен европски пратеник кој се наоѓа во центарот на корупцискиот скандал во Европскиот парламент е уапсена во Италија, изјавил во средата за агенцијата Reuters извор упатен во случајот.

Моника Росана Белини, којашто работела за пратеникот од левиот центар Пјер-Антонио Панѕери, е уапсена на барање на белгиските власти кои издадоа европски налог за апсење. Обвинета е за криминално здружување, корупција и перење пари. Нејзиниот адвокат не бил достапен за коментар.

Европратеникот Панѕери, кој е уапсен во Брисел во декември и е обвинет заедно со уште три лица меѓу кои и грчката социјалистичка европратеничка и потпретседателка на Европскиот канал, Ева Каили, се согласил да соработува со истрагата во замена со намалување на казната, објави во вторникот белгиското обвинителство.

Обвинителството во соопштение наведе дека италијанскиот европратеник потпишал „спогодба за каење“, во којашто се обврзал дека ќе даде „важни, разоткривачки, вистинити и потполни изјави“ за сите клучни страни и сторени кривични дела во тој случај.

Конкретно, треба да ги извести истражителите за тоа како се изведувале операциите, за финансиските договори со други вклучени земји, воспоставените финансиски структури, вмешаноста на познати и непознати лица во истрагата, вклучително и идентитетот на поединци за коишто признал дека ги поткупил.

Двајцата европратеници заедно со уште две лица, во моментов се наоѓаат во белгискиот притвор и се соочуваат со обвиненија за корупција, перење пари поврзани со наводно исплати на суми и примање подароци од Катар и од Мароко.