Апсењето на кандидатот за градоначалник на Химара ја вжешти политичката атмосфера во Албанија и во Грција

Апсењето на кандидатот за градоначалник на Химара, Фреди Белери, од редовите на опозицијата и припадник на грчката заедница, под обвинение за купување гласови, ја вжешти атмосферата на албанската политичка сцена, но ја налути и Грција.

За опозицијата тоа е политички атак на власта „преплашена пред неделниот пораз“ и феномен поврзан со тоталитарните режими, за полицијата постапка заснована на докази, за премиерот Еди Рама е „голем испит за правдата во пресрет на изборите“, додека за шефот на грчката дипломатија Дендијас, доколку нема докази тоа е „невиден скандал“

По апсењето на Белери, кој настапува како кандидат на опозициската изборна коалиција „Заедно победуваме“, предложен од Партијата за заштита на човековите права (партија на грчкото малцинство), прв реагираше неговиот партиски лидер Ванѓел Дуле, обвинувајќи дека „апсењето на Белери е политички напад“ и повика да се запрат ваквите обиди за попречување на изборниот процес.

– По една недела делириум на омраза, поделби и стигматизирање од страна на премиерот Еди Рама против кандидатот на коалицијата во Химара, господинот Белери, по негова наредба, полициските сили во центарот на градот го киднапираа Белери и неговиот адвокат. Тоа е невиден и необјаснив чин. Тоа е феномен поврзан со тоталитарните режими. Нашиот повик е да се ослободи господинот Белери, гарантирање на изборниот процес и еднаш засекогаш да престане заплашувањето на граѓаните и обидот да се отуѓи волјата на суверенот, изјави Дуле.

Реагираше и лидерот на Партијата на слободата, Илир Мета, чија партија ја предводи изборната коалиција. Во објава на Фејсбук, Мета пишува „учество, учество и само учество! Ова е лекот против премиерот и режимот кој е преплашен од слободно дадениот глас“.

Мета наведе дека „додека Специјалното обвинителство за организиран криминал и корупција (СПАК) не постапува против десетици градоначалници, кои го прекршуваат законот и се докажани виновни, по умислените и монтирани напади на деликвентниот премиер, по полноќ на мафијашки начин е киднапиран кандидатот за градоначалник во Химара“.

– Сите граѓани и опозициските структури во Химара да бидат на нозе, максимално да ја зајакнат кампањата и да ги интензивираат контактите со гласачите за масовно гласање и да му го зададат последниот удар на премиерот, најголемиот ограбувач и уништувач на имот за мафијашки цели во Химара и целото јужно крајбрежје од Валона до Ксамил, објави Мета.

Преку објава на Твитер реагираше и премиерот Рама за кого притворот на Белери по наредба на Обвинителството претставува „голем испит за правдата во пресрет на изборите“.

Премиерот подвлече дека „нашата изборна битка со тој кандидат нема никаква врска со истрагите или заклучоците на обвинителството“

– Апсењето на опозицискиот кандидат за Химара Ф. Белери по наредба на Обвинителството претставува голем тест за правдата во пресрет на изборите, што значи дека прекршувањето на законот од негова страна мора да се докаже и неговото апсење е законски мотивирано. Нашата битка со тој кандидат нема никаква врска со истрагите или заклучоците на обвинителството, затоа, почитувајќи ја целосната независност на правосудните органи, ги повикувам сите да не избрзуваат со политички заклучоци и трпеливо да го чекаат зборот и доказите на правдата, наведува Рама во реакцијата на Твитер.

Албанските медиуми пренесуваат реакција и на шефот на грчката дипломатија, Никос Дендиас кој изјавил дека „ако нема докази дека Белери купувал гласови, тоа ќе биде вистински скандал“.

Тој додаде дека настанот што се случил два дена пред избори го пријавил кај високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жозеп Борел и кај шефот на шведската дипломатија, како земја претседавач со ЕУ.

Од грчкото МНР најавија дека по упатствата од министерот Дендиас, амбасадорката на Грција во Тирана, Константина Камици, денеска ќе упати демарш до албанското МНР.