Апсурдистан

Такво време, апсурно, надреално, дистопија, тешко се опишува, ма се опишува но додека ги додаваш атрибутите почнуваш со недоумиоца да се прашуваш, чекај, вистина ли е сево ова? Ма, дај по една чашка да удриме заборав во Њуман Армс со лош џин.

…и помина тоа интервју, со апаратчикот на министерството за Љубов или Калкулации или како и да се викаше. Моите колеги вооружени со квадрилиони битови дата, сува недвосмислена вистина, факти, компарации, правни и законски заклучоци, за да го соочат и укажат и нему и на јавноста за лакрдијата наречена Попис во која никој не верува, но се поддржува затоа што наметнатиот наратив е таков – „тоа е тоа“. Дното на егзистенцијализмот, врвот на дефетизмот, смртта на прогресивниот ум и успонот на зомбифицираниот хомо пасивус.

Слушајќи го се потсетив одамна на времето кога за 29 ноември локалните политичари држеа говори пред халите каде работниците приморани да слушаат и аплуадираат со транспаренти во рацете, бленеа со поглед кој им се губеше во далечина, како мачка која врши нужда. Фрази, фрази, фрази ем флоскули, бирократски термини на дисторзирани тумачења на егзактни закони, правила и прописи. Ни туц-ни-муц во соочување со фактите, туку она најдолно вулгарно обесчестување на реалноста со турбофолкот – таа дупка – не е дупка…

Неинвазивна лоботомија беше за мене таа вечер, моите колеги како Дон Кихоти јуришаа вооружени со факти, но наспроти имавте виртуелна вештачка интелигенција која се’ тоа го ре-спинуваше дека ние/вие/тие сте во заблуда на тумачењата.

Ништо не помагаше… јас немав нерви бидеејќи видов дека секој ќе остане на својата бусија без било какво фактичко поместување и дека само меѓународна независна интер-галактичка арбитража ова може да го детерминира како криминал, манипулација и потполно незаконско перпетум мобиле на задоволување на партиските налози одобрени од светските центри… ор лес… Станав и му реков… поише за публиката одошто нему…

Знаете господине, сево ова мене ми личи на филмот Нападот на Клоновите од 2002, од серијалот Стар Варс епизода II, кога џедајот Оби Ван Кеноби истражува и бара каде се наоѓа планетата Камино. Во потрагата оди во галактичката библиотека каде се сите податоци на познатиот универзум, и таму не наоѓа па ја прашува администраторката за тоа зошто нема податок за планетата. Таа, студено, совршено стабилно му одговара – Ако ние немаме податок за неа, таа и не постои. (планетата ја најде кога децата го прашаа, каде треба да биде? Он покажа на една празна точка каде требала да биде. Па тогаш таму е, некој ја избришал за да никој не ја најде… мали лукави џедаи)

Гостинот малку срипа бидеејќи е доволно интелигентен и почувствуа силната алегорија, која сакаше да ја одбие и негира… но, ретко кој во силните емоции имаше воопшто слоевитост да се вметне во референца од поп културата на таква траорна тема. Но, мене веќе ми беше трнасцедентално телепортирање во Апсурдистан, прадимензијата на анти-реалноста која денес ја живееме.

Мизерија која започна со губење на слободите за време на ковидот и кога го видовме нацистичкиот глобален логор, а денес и громогласната тишна по најавите за гонење за политичко некоректно изјаснување. Пак ќе ви остане Јанко Свиња Дебела да си празните фрустрациите, додека точите се’ поскапо гориво, плаќате отров-скапа-храна, кога ќе добивате одговори со одбивање во локалните администрации за вработување затоа што не сте во цензусот, полека како народ се топите и бледеете , исчезнувате како во ликот во филмот Машинист.

Има некоја гадна сметка која мора да ја исплатиме за да го преживееме ова матерјално и духовно мрцварење кое очигледно ќе трае до недоглед.

Имате два избора или да локате лош Џин и конзумирате супстанци се додека искрено не го засакате Братот или интелектуално и духовно да се надградувате… дури и во најтешки времиња имало некаков избор, но бидете убедени и тој ќе се смалува до квантна реалност, се додека нема совестување.

Автор: Јанко Илковски за НетПрес

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.