ЈАР ги потврди поморските маневри со Кина и Русија која испраќа фрегата вооружена со „Циркон“

Јужноафриканската министерка за надворешни работи Наледи Пандор ги отфрли во понеделникот критиките за во декември најавените заеднички воени поморски маневри  со Кина и Русија, велејќи дека таквите вежби „со пријателите се природен тек на односите“.

Изјавата Пандор ја даде во текот на состанокот со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров кој престојува во посета на Јужноафриканската Република, а подоцна ќе ги посети Есватини (некогашен Свази), Боцвана и Ангола.

Јужноафриканската Република е еден од главните сојузници на Русија, вклучително и на Кина, во Африка континентот кој дава отпори на обидите на Западот меѓународно да ја изолира Москва. ЈАР, исто така, се воздржа од сите гласања за резолуциите на ОН поднесени од западните земји во врска со руската војна во Украина.

„Сите земји спроведуваат воени вежби со пријателите ширум светот. Тоа е природен тек на односите“, рече министерката Пандор за новинарите во Преторија.

Владата на јужноафриканскиот претседател Сирил Рамафоза изјари во почетокот желба да посредува во украинската војна како неутрална земја.

Пандор истакна дека ЈАР, којашто на почетокот ја повика Русија еднострано да се повлече од Украина и конфликтот да се решава по мирен пат и преговори, во понеделникот рече дека сега повеќе така не размислува.

„Доколку тоа денеска би му го повторила на Лавров би испаднала наивна и инфантилна, имајќи го предвид големиот трансфер на оружја (во Украина)… и на сѐ она што се случува“, рече шефицата на јужноафриканската дипломатија.

Јужноафриканската Република нема голема трговска размена со Русија и Кина, но како членка на групата БРИКС (Бразил, Русија, Индија, Кина и ЈАР) се зазема за „мултиполарен свет“ наспроти „западната хегемонија предводена од САД“.

 

Преторија: Зајакнување на веќе развиените односи

Истовремено во понеделникот агенцијата ТАСС, повикувајќи се на руски воено-дипломатски извор, извести дека на заедничките поморски вежби со воените морнарици на ЈАР кои ќе се одржуваат од 17-ти до 27-ми февруари под кодното име Mosi“ (Чад), руските поморски сили ќе бидат застапени и со фрегатата „Адмирал Горшков“ опремена со хиперсоничните ракети со долг дострел „Циркон“ којашто во ќе ги обнови залихите во руската поморска база во сириски Тартус.

„’Адмирал Горшков’ при извршувањето на задачите од долги прекуморски мисии ќе се упати на локацијата за логистичка поддршка во Тартус, а потоа ќе учествува во заедничките поморски вежби со кинеската и јужноафриканската морнарица“, рекол соговорникот на ТАСС, но агенцијата наведува дека не добила официјална потврда на тоа.

Главната цел на мисијата на „Адмирал Горшков“ е да се обезбеди присуство на руската морнарица во стратешки важни области на светските мориња.

Фрегатата претходно во јануари одржа вежби во Норвешкото Море, откако рускиот претседателот Владимир Путин ја испрати во Атлантскиот Океан како сигнал до Западот дека Русија нема да отстапи од војната во Украина и заканите од Западот со зголемување на трупите на НАТО на руските граници.

„Циркон“ е првата хиперсонична крстосувачка ракета во светот, која е способна да изведе долг аеродинамичен лет со маневрирање во густите слоеви на атмосферата, користејќи сопствен погон по целата рута. Максималната брзина достигнува околу девет пати повеќе од брзината на звукот (околу 2,65 километри во секунда на височина од 20 километри, или повеќе од 10.000 километри на час). Максималната дострел изнесува илјада километри, според објавата на руското министерство за надворешни работи. Русија во 2021 година веќе изведе пробни лансирања на „Циркон“ од воени бродови и подморници.

Русија го гледа оружјето како начин за пробивање на американска ракетна одбрана за која Путин пред десетина години предупреди дека со распоредување на ткн „ракетен штит“ што поблиску до Русија има цел еден ден да може да ги собори нејзините нуклеарни проектили.

Рускиот претседател Владимир Путин уште во 2018 година најави спектар на ново хиперсонично оружје, а следната година се закани дека ќе распореди хиперсонични проектили на бродовите и подморниците, за да бидат подготвени да дејствуваат во случај САД да распоредат нуклеарно оружје со среден дострел во Европа.

Поморските вежби со учество на воени бродови од ЈАР, Русија и Кина ќе се одржат од 17-ти до 27-ми февруари. Како што се наведува во објавата на Министерството за одбрана на ЈАР на својата мрежна страница „вежбите ќе се одржуваат во Индискиот Океан десет дена во областите на пристанишниот град Дурбан и заливот Ричардс“, како и дека целта на маневрите е „размената на оперативни вештини и рутини“.

Се додава дека заедничките вежби имаат и цел за „зајакнување и на онака добро развиените односи меѓу нашите земји“.

Јужноафриканското Министерство за одбрана, исто така, потсети дека првите вакви трилатерални вежби се одржани во ноември 2019 година во областа Кејп Таун во југозападниот дел на Јужна Африка во водите на Атлантскиот Океан. Овојпат, областа за вежбање ќе биде акваториумот на од градот Дурбан до заливот Ричардс, кои се наоѓаат на растојание од 87 наутички милји (161 километри).

Министерството за одбрана на Јужноафриканската Република извести дека според првичните планови Русија ќе учествува со два воени брода. Имињата и типовите на бродовите не се официјално обелоденети, а јужноафриканските сили укажале дека „бројот на бродовите може да се промени за кратко време“. Информациите за вежбата биле потврдени во пресрет на последната виртуелна конференција за планирање во декември, на која учествувале претставници на воените морнарици на сите три земји.