Дваесет и четиригодишен жител на Арачиново, кој управувал комбе натоварено со огревни дрва, синоќа се обидел да ѝ избега на полицијата во скопското село Кадино, а притоа и да ги прегази полициските службеници.
Синоќа околу 19,45 часот во скопското село Кадино полициски службеници од Полициското одделение Петровец се обиделе да сопрат возило комбе натоварено со огревни дрва и управувано од 24-годишниот Г.М. од село Арачиново, кој на даден знак „стоп“ не застанал и со голема брзина се движел кон село Марино, се наведува во полицискиот билтен.
Околу 20,05 часот Г.М. бил сопрен на патот кон село Арачиново, во близина на поранешни складишта на живинарска фарма при што се обидел да удри во патничко службено возило на полицијата, како и да ги прегази полициските службеници откако тие излегле од возилото.
На местото на настанот со патничко возило „голф“ дошле уште три лица кои се упатиле кон полициските службеници, при што едниот од нив од службениот пиштол испукал еден куршум во воздух заради заплашување, така што лицата избегале, а Г.М. бил лишен од слобода.
Полицајците околу 20,15 часот ги лишиле од слобода С.М. (23) кој го управувал патничкото возило „Голф“, како и Е.Е. (40), Г.М. (55), М.М. (24) сите од село Арачиново.
Лицата и возилата се предадени во Полициската станица Гази Баба за понатамошна постапка. СВР Скопје презема мерки за целосно расчистување на случајот.