Арапските нации со осуда за намерата на Нетанјаху за анексија на дел од окупираниот Запден брег

20

Арапските нации го осудија планот на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху за анектирање на дел од окупираниот Западен Брег.

Нетанјаху вчера објави план за анексија на долината Јордан, голем дел од Западниот Брег, доколку победи на изборите следната недела.

Официјални лица од Јордан, Турција и Саудиска Арабија остро го критикуваа тој потег, додека Арапската лига го оквалификува како „агресија“.

Палестинскиот дипломат Саеб Ерекат рече дека анексијата би била „воено злосторство“ и „ќе уништи какви било шанси за мир“.

Израел го окупира Западниот Брег во војната во 1967 година, а Палестинците сакаат да го добијат тоа подрачје во идната држава. Нетанјаху порано инсистираше на тоа дека Израел секогаш ќе биде таму од безбедносни причини.

Арапската лига објави дека планот на Нетанјаху ќе го наруши меѓународното право и ги „торпедира“ темелите на мирот.

Високата палестинска претставничка Ханан Ашрави смета дека Нетанјаху „не само што го уништува планот на две држави, туку и сите шанси за мир“.

Министерот за надворешни работи Ајман Сафади го нарече планот „сериозна ескалација“ и предупреди дека „може да го втурне целиот регион во насилство“.

Турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу го опиша потегот на Нетанјаху како „расистички“ и го критикуваше израелскиот премиер за „испраќање нелегални и агресивни пораки“ пред изборите.

Израелските политички коментатори го гледаат планот на премиерот, објавен во говорот што се пренесуваше во живо на водечките израелски телевизиски канали, како обид да се одврати поддршката за екстремно десничарските противници, кои долго време се залагаат за анексија на еврејските населби на Западниот Брег.

„Денес ја објавувам намерата да ставам под израелски суверенитет по формирањето на новата влада на долината Јордан и северното Мртво Море“, рече Нетанјаху, нарекувајќи ја областа „источна граница на Израел“.

Тој додаде дека потегот ќе следи „веднаш по изборите, ако вие, граѓаните на Израел, за мене обезбедите јасен мандат“.

Околу 65.000 Палестинци и 11.000 израелски доселеници живеат во долината Јордан и на бреговите на северното Мртво Море, според податоците на израелската група за човекови права Б’Тселем. Главната палестинска област е Ерихон, која има околу 28 села и помали бедуински заедници.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.