Арената „Борис Трајковски“ претворена во пункт за вакцинација

Утре точно во 8 часот ќе се отворат вратите на спортската сала „Борис Трајковски“ каде што ќе започне имунизацијата на граѓаните над 77-годишна возраст со вакцината „АстраЗенека“, велат од Министерството за здравство и додаваат дека сè уште трае адаптацијата на просторот во салата.

Работниците ги преградуваат кабините каде што ќе се врши имунизацијата, а веќе поставени се столчињата на кои граѓаните ќе минат десетина минути на опсервација, односно лекарски тим ќе ја следи нивната ситуација откако ќе ја примат вакцината. Доколку немаат никакви реакции, ќе може да заминат дома.

Оттаму објаснуваат дека вакцинацијата ќе се спроведува секој работен ден од 8 до 20 часот, а потсетуваат дека националниот систем „Мој термин“ синоќа во 19 часот ги отвори термините за закажување вакцинација против ковид-19.

„Вакцинацијата е право на избор на секој граѓанин, во оваа прва фаза за вакцинација согласно Националната стратегија каде се опфатени граѓаните над 77-годишна возраст ќе се вакцинираат сите кои изразиле желба за тоа“, наведуваат од Министерството за здравство.

Како што наведуваат, досега се пријавиле над 5.900 граѓани над 77 годишна возраст.

„Вакцинацијата е прецизно организиран процес, испораката на вакцини ќе оди сукцесивно. До крајот на оваа и за следната недела, на територија на цела држава пуштени се 9.577 термини, а досега закажани се 5.976 термини за вакцинација на граѓани над 77-годишна возраст. Од утре ќе стартува вакцинацијата во Скопје, односно во Поликлиниките Јане Сандански, Чаир и Букурешт, во Здравствените домови во Прилеп, Охрид, Гостивар, Штип, Куманово, Велес, Битола, Струмица и во болницата во Кавадарци. Од петок ќе започне вакцинацијата во Тетово, Струга, Неготино, Крива Паланка, Вевчани, Валандово, Ростуше, Гостивар, Гевгелија, Делчево, Свети Николе, Ресен, Демир Хисар, Крушево, Македонска Каменица, Кратово, Кичево, Кочани, Радовиш, Виница, Пробиштип, Дебар, Пехчево и Македонски Брод. Вакциналните пунктови низ државата ќе работат во две смени, ќе бидат отворени од 8 до 20 часот, од понеделник до петок. Матичниот лекар на секој граѓанин кога му закажува тремин за вакцинација должен е да му каже во колку часот треба да се вакцинира и на кој пункт во здравствената установа каде се спорведува вакцинација против ковид 19“, соопшти Министерството за здравство.

И министерот Венко Филипче вчера соопшти дека в среда ќе започне вакцинирањето со „АстраЗенека“ врз 20.000 пријавени граѓани. Како што посочи, тие ќе бидат контактирани преку матичните лекари и ќе се утврди на кој точно пункт ќе ја примат вакцината.

– Ќе има 30 позиции за вакцинирање, а ќе бидат ангажирарани лекари и медицински сестри од Здравствениот дом – Скопје – рече Филипче.