Аргентина на 29-ти декември ја започнува вакцинацијата со „Спутник V“

Аргентинските здравствени власти ќе ја започнат имунизацијата на населението против коронавирусот со руската вакцина „Спутник V“ на 29-ти декември, откако во понеделник ќе заврши нејзиното доставување во сите покраини, соопшти кабинетот на аргентинскиот претседател Алберто Фернандез по неговата видео-конференција со гувернерите.

„Претседателот Алберто Фернандез одржа советување со гувернерите во текот на кое ги информираше дека во понеделник дозите од вакцината ‘Спутник V’ ќе бидат испорачани во секоја покраина, а учесниците се согласија дека процесот на вакцинацијата низ целата земја ќе започне во вторникот утрото“, се вели во соопштението издадено ноќта кон неделата по средноевропско време.

„Идејата е до есента (пролет во Европа) да се вакцинира поголем дел од населението, во прв ред ризичните групи. Тоа е мојата цел“, рекол претседателот на Аргентина.

Според објавата, сите гувернери ги поздравиле напорите на аргентинската влада да обезбеди снабдување на земјата со вакцини против коронавирусот. Според челникот на покраината Кордоба, Хуан Скијарети, 98 отсто од зравствените работници во регионот изразиле желба да бидат вакцинирани.

Во четвртокот во Аргентина биле испорачани 300.000 дози од вакцината „Спутник V“ којашто ја разви московскиот научен институт „Гамалеј“ и беше првата во светот која доби одобрување за употреба уште пред конечното завршување на последната трета фаза од клиничките тестирања.

Во јануари на Аргентина ќе ѝ бидат доставени уште 5 милиони дози, и уште 14 милиони во февруари.