Аргентинската потпретседателка Киршнер осудена на шест години затвор

Федералниот суд во аргентинската престолнина Буенос Аирес ја осуди во вторникот потпретседателката Кристина Фернандез де Киршнер на шест години затвор поради корупција и ја дисквалификува за извршување јавни должности иако таа ужива имунитет, бидејќи е државен функционер.

Влијателната потпретседателка нема веднаш да оди в затвор и се очекува дека ќе се жали на пресудата, па случајот веројатно уште години ќе се влече по судовите, до исцрпување на сите жалбени постапки на различни инстанци.

Судот ја прогласи Фернандез де Киршнер виновна за „нечесно владеење“ во случајот познат како „Вијалидад“ во кој градежниот магнат Лазаро Баез, исто така, е осуден на шест години затвор, како и уште неколку поранешни функционери. Истовремено потпретседателската е ослободена од обвинението за учество во криминален заговор.

Во август годинава аргентинското обвинителство побара Фернандез де Киршнер, која беше претседателка во два мандата од декември 2007 до декември 2015 година и има сѐ уште бројни приврзаници особено по обидот за атентат врз неа во септември, да биде осудена на 12 години затвор под обвинение за корупција при изведување инфраструктурни проекти во провинцијата Санта Круз.

Обвинителството сметаеше дека како резултат на криминален заговор, најголем дел од договорите за изведување работи од јавен интерес ги добиле компании во сопственост на Баез, кој е нејзин пријател. Тој парите потоа ги пренасочувал назад кон неа и нејзиниот покоен сопруг Нестор Кришнер, исто така поранешен аргантиснки претседател. Фернандез де Киршнер ги отфрла сите обвиненија.