По повод одбележувањето на 70-годишнината од основањето на Сојузот на здруженија на пензионери на Република Македонија денеска во Скопје беше промовирана публикацијата „Аргументите ја осветлуваат вистината“ од Драги Аргировски, посветена на пензионерската популација.
Аргировски е хроничар и аналитичар кој филигрански прецизно ја отсликува и третира пензионерската проблематика, го следи нејзиниот развој за што доказ е и неговата најнова книга, истакна на промоцијата на книгата Александар Димковски, главен и одговорен уредник во весникот „Нова Македонија“.
Самиот наслов на книгата, потенцира тој, говори дека таа изобилува со факти, аргументи и релевантни податоци кои ја откриваат вистината, поим од големо значење во животот сите и нешто по кое секојдневно трагаме.
Ова е книга која изобилува со агументи за нашите постинувања, за резултати, за решени проблеми на пензионерите, за создавањето нов дух во пензионерското организирање … Тоа се го има во книгата која е една хроника и документ што ќе остане во историјата и на државата бидејќи досега во нашата библиографија имаме многу малку книги на оваа проблематика, истакна Аргировски.
Аргировски информира дека ова е негова дваесетта објавена книга. Од сите негови книги последните седум се посветени на пензионерската проблематика.
На промоцијата на книгата „Аргументите ја осветлуваат вистината“ на Аргировски присуствуваше и министерот за труд и социјална политика Диме Спасов.
Тој е поранешен новинар, а во моментов е претседател на Сојузот на здруженија на пензионери на Република Македонија.