Археолозите од Куманово ги завршија годинешниве истражувања на Градиште во Бислим

Завршија овогодишните истражувања на локалитетот Градиште во кумановско Бислим, соопштија денеска надлежните од Националната установа музеј „Куманово“. Откриени се ѕидови за кои се претпоставува дека се остатоци од ранохристијанска црква.

Раководителот на истражувањата, Дејан Ѓорѓиевски истална дека ископувањата биле насочени кон источната страна на локалитетот каде што постоеле две кули-правоаголна и пентагонална.

– Во нивна непосредна близина, внатре во населбата, преку ископувањата се откри градба со поставеност запад-исток, која покрај добро сочуваниот северен ѕид имала и стилобат (подлога за поставување на столбови) со остатоци од три рудиментирани столба. Подот на градбата бил квалитетно поплочен со тули, поставени на глинеста супструкција и хоросан малтер. Очигледно е дека станува збор за квалитетна градба која имала должина поголема од 20 метри, па со анализа на резултатите претпоставуваме дека се работи за ранохристијанска црква. Ова е веќе трета ранохристијанска црква која е проучувана од археолошкото одделение на музејот, преку која се надеваме да добиеме значајни информации за ширењето на христијанството во регионот во периодот на доцната антика, изјави Ѓорѓиевски.

Градиште претставува најсочувана тврдина во околината на Куманово, со ѕидини високи преку два метри, а потекнува од доцноримскиот-рановизантиски период (4-6 век). Се наоѓа во живописната клисура на Пчиња во Бислим, од сите страни опкружен со стрмни карпи и ридови, до која се пешачи по козји патеки околу 40 минути од селото Пчиња. Поради ваквата изолираност, утврдувањето е мошне добро сочувано, со антички градби кои сè уште се видливи на теренот.

Инаку, Бислимската клисура претпоставувала алтернативен пат од северот кон Вардарскиот пат, па затоа била многу важна за контрола, што резултирало со укрепување на неколку позиции и создавање на населбински центри од страна на римските војски.

Иако, средствата предвидени за проектот во рамките на годишната програма на музејот биле само педесет проценти финансирани, екипата успеала да ги изведе предвидените активности, додава Ѓорѓиевски, појаснувајќи дека тоа подразбирало подготовки на теренот за ископување, отстранување на густата вегетација, како и изведување на геофизички истражувања од страна на Археолошкиот музеј, со цел да се добие попрецизна слика за точните точки за ископување.