АРМ ќе помага за ред во болниците, а Ангелов вели нема потреба од паника, војската ќе биде невооружена

Главниот штаб при Центарот за управување со кризи денеска расправаше по барањето на Министерството за здравство за обезбедување одредени објекти во оваа кризна состојба. Директорот на Центарот за управување со кризи Стојанче Ангелов рече дека е одлучено припадници на МВР најпрво да ги посетат здравствените објекти и да направат план за обезбедување, но решено е дека обезбедувањето во болниците каде се лечат од Ковид 19 ќе биде 24-часа. Тој истакна дека Акцискиот план ќе се операционализира од страна на МВР, а Армијата при обезбедување само ќе и асистира на полицијата.

„Се работи за ангажман на Армијата за одржување на редот во здравствените објекти онаму каде што ќе побара Министерството за здравство или на други стратешки објекти од областа на здравството или одредени магацини каде што би имало здравствена опрема. Значи, припадниците на Армијата нема да бидат вооружени нема да го плашиме народот туку тие ќе бидат тука да им помогнат на граѓаните да не се создаваат непотребни гужви или евентуално да превенираме создавање хаотична состојба.“, рече Ангелов.

За потребата на приватните болници од обезбедување, ќе одлучуваат самите тие заедно со министерот за здравство, додаде Ангелов. Тој повика дека не треба да се прави паника бидејќи, како што рече состојбата е под контрола.

„Ние во болниците немаме нарушување на јавниот ред и мир, имаше некои осамени инциденти но сакаме да превенираме однапред да ја намалиме гужвата за да можат здравствените работници непречено да работат.“, изјави Ангелов.

За Акцискиот план на Главниот штаб на Центарот за управување со кризи односно начинот на справување со кризата го потврдува Управувачкиот комитет на Владата.