Претседателот Ѓорге Иванов издаде наредба за ставање на сите потребни капацитети на АРМ во справување со последиците од силното невреме од кое вчера најтешко беше погодено Скопје и околината.
-Началникот на ГШ на АРМ веднаш нареди ангажирање на дел од специјалните единици на АРМ и потребни средства за пружање на помош на загрозеното население и справување со последиците предизвкани од невремето. Тимови за пребарување и извлекување опремени со специјална опрема и товарни возила во текот на ноќта и сеуште, се ангажираат во околината на Стајковци, село Сингелиќ, населба Ченто и обиколницата на град Скопје, каде заедно со екипите на МВР и останати субјекти го пребаруваат теренот, се ангажираат на извлекување на загрозено население, добиток и заглавени моторни возила. Во текот раните утрински часови транспортен хеликоптер на АРМ заедно со претставници на МВР го надлетуваа погодениот реон од невремето заради комплетно извидување на теренот и увидување на потребите за понатамошно ангажирање, информираат од ГШ на АРМ.
Армијата на Република Македонија ги стави на располагање сите потребни сили и материјални средства за ангажирање во справување со последиците на невремето, при што во моментот е ангажиран дополнителен персонал, потребен број на моторни возила и материјални средства за пребарување на теренот, извлекување и помагање на месното население, како и достава на вода за пиење и останат неопходен материјал од собирните пунктови во град Скопје до погодените населени места каде тоа е најпотребно.
За таа цел претставник на АРМ се наоѓа во кризниот штаб на град Скопје заради непосредна координација за пројавените потреби и понатамошно ангажирање на потребен број на персонал и материјални средства.