АРМ не е циркус „Медрано“

Мобилната воена болница „Role 2“, која толку славно се постави пред месец и половина, неславно се демонтираше. Како и многу други промашени потези, и ова е уште еден дополнителен симбол за неспособното владение на Шеќеринска и СДСМ и нивното катастрофално менаџирање со државата во време на Корона кризата.

Кога станува збор за оваа болница би сакал да дадам една информативна ретроспектива, за да станат работите појасни. Мобилната болница „Role 2“ е донирана од страна на Кралството Норвешка во 2012 година и има вредност од околу 2 милиони евра. Според НАТО стандардите и инструкциите, оваа болница се користи за поддршка на воен баталјон во воени услови и мировни мисии, и е наменета за тријажа, реанимација, хируршки операции и опоравување на воените и мировните припадници. Кралството Норвешка е една од најголемите поддржувачи на НАТО, особено на финансиско поле. Тие се предводници на проектот „Balkan Medical Task Forces“ (Балкански Медицински Наменски Сили).

Овие медицински сили имаат за цел да спроведуваат регионална соработка и тренинг за учество во мировни мисии предводени од НАТО и ЕУ. Мобилната болница беше донирана со цел да биде употребена во мировни мисии во Африка. За тоа имаше и план, одлука и тренинг, но со доаѓањето на СДСМ на власт тој, како и многу други позитивни проекти за унапредување на АРМ, беше поништен.

Во воени услови мобилната болница се поставува во рок од 8 часа. Хаотичната состојба која владее во АРМ креирана од Шеќеринска придонесе оваа болница да се постави за 7 дена во мировни услови. Замислете да требаше оваа болница да се поставува на терен во воена зона. Оваа неажурност и одолговлекување се случи поради неколку причини. Прво, се одолговлекуваше за министерката и командантите да имаат повеќе можности за билдање на сопствениот Пи-Ар пред јавноста, преку фотографирање со болницата. Второ, заради неспособноста на командантите кои министерката после своето доаѓање ги постави, а немаат поминато командни должности според кариерниот развој и не знаат да планираат и командуваат. И трето, за да може да се ангажираат и инженериски машини од приватни фирми, веројатно за одреден надомест, што пак беше неопходно затоа што инженерискиот баталјон на АРМ едноставно немаше доволно капацитети, затоа што градежните машини на кои им беше направена „промоција“ само на слики, едноставно не можеа да оживеат од сликите, и да ја завршат работата.

Од целиот овој настан произлегуваат неколку прашања. Дали одлуката за поставување на болницата Шеќеринска сама ја донесе и дали се консултираше со воените експерти во АРМ пред да го направи овој чекор? Колку пациенти опслужи оваа болница? Колку средства беа потрошени за монтирање и демонтирање на болницата? Ги извести ли донаторите Шеќеринска за што беше употребена мобилната болница вредна 2 милиони евра? За која намена ќе биде искористено земјиштето кога ќе биде тргната мобилната болница?

Мобилната болница како што беше неславно монтирана, така неславно и се демонтираше. Во суштина, болницата се постави само за да челниците на оваа власт се претстават како функционири кои нешто работат во време на криза, да направат неколку фотографии и дадат гламурозни изјави, а провладините портали и медиуми да ни кажуваат дека оваа власт успешно се справува со Корона кризата.

Автор: Александар Нацев за НетПрес

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.