Армијата се вклучува за време на вонредната состојба

Армијата на Република Македонија за време на вонредната состојба во која се наоѓа државата ќе треба со своите единици да ги поддржи полициските сили и општините.

Оваа одлука е донесена на вчерашната владина седница.

На АРМ и се налага да се вклучи во обезбедување и надзор на граничната линија на државната граница со цел спречување на влез и излез на сите лица кои имаат намера да извршат нелегален премин, да врши контрола на влез и излез на патните правци кои водат кон населените места преку воспоставување мобилни пунктови и контролни точки во реоните за ангажирање, како и да врши физичко обезбедување на витални објекти кои се обезбедувани од Министерството за внатрешни работи.

Согласно владината Уредба, Армијата треба да ангажира сили и за поддршка на единиците на локалната самоуправа, органите на државната управа или на други државни институции со цел спречување на ширење на епидемијата и отстранување на последиците настанати од епидемијата за укажување помош заради спасување на луѓето и материјалните добра.

-Владата донесе Уредба со законска сила се утврдуваат задачите на Армијата на Република Македонија за време на траењето на вонредната состојба. Целта е поддршка на полициските сили на Министерството за внатрешни работи и поддршка на единиците на локалната самоуправа, органите на државната управа или на други државни институции за време на траењето на вонредната состојба, заради спречување на внесување, ширење и справување со коронавирус, информира владината прес-служба.