Армискиот полигон „Криволак” во 2022-а ќе се одржат 7 меѓународни вежби со над 5 000 учесници

Министерката за одбрана Радмила Шекеринска денеска заедно со претставници од Генералштабот и Армијата и претставници од Амбасадата на САД ќе бидат во посета на Армискиот полигон „Криволак” и ќе направат увид во реконструктивните активности кои се извршуваат на повеќе локации во самиот полигон.

Со инвестиции во патната инфраструктура, објектите, обнова на полигоните за обука, Армискиот полигон Криволак” добива нов, модернизиран и современ лик.

Во 2022 на полигонот Криволак ќе се одржат седум меѓународни вежби – со учество на 5 200 припадници на сојузничките армии како и на Армијата на Северна Македонија. Најголема меѓу нив е вежбата SWIFT RESPONSE – 22, на која е најавено учество на околу 4 000 учесници од армиите на САД, ОК, Италија, Франција, Црна Гора, Албанија и од Северна Македонија.

Реконструкцијата на АП „Криволак”започна во 2020. Се работеше и активно се работи на зановување на постоечката и воспоставување на нова патна инфраструктура, а во овој период се градат, реконструираат и санираат објекти, санитарни јазли и пречистителни станици. Во периодот што следува е предвидена набавка на нови 32 контејнери за сместување со што ќе се зголеми сместувачкиот капацитет на полигонот.

Припадниците на Инженерискиот баталјон, во изминатиов период самостојно работеа на пробивање на нови патишта за изградба на обиколницата на полигонот Криволак, но и на реконструкција на постоечката инфраструктура и внатрешно поврзување со цел да се обезбеди комплетно патно поврзување на полигонот во вкупна должина од 75 километри.

Со поддршка на 15. Инженериски баталјон на Армијата на САД, Инженерискиот баталјон на Армијата минатата година работеше на изградба на нови содржини, полигони со подвижни и неподвижни цели за оклопни возила, полетно – слетна патека за беспилотни летала, магацин за складирање на мети, се со цел овој наш ресурс да стане еден препознатлив НАТО ресурс за обука и тренинг.