„Арно ама“ од Калина Малеска – прва книга за деца во издание на „Или-или“

Во театарот „Сенки и облаци“ вечер од 19 часот ќе биде промовирана првата книга за деца во издание на „Или-или“ –  „Арно ама“ од Калина Малеска.

– „Арно ама” е збирка раскази во кои протагонисти се две братчиња, Дамјан и Марко, и нивните другарчиња од населбата во која живеат. Иако секој расказ е завршена целина, сепак, со оглед на тоа дека дејството се одвива хронолошки во текот на една година, книгата истовремено може да се чита и како роман. Специфичноста на овие раскази се нивните впечатливи ликови кои не се идеализирани, туку имаат карактеристики на реалните деца… Впечатлив белег на книгата даваат и заводливите и луцидни илустрации на Владимир Лукаш, кoи ги оживуваат предметите и суштествата, соопшти „Или-или“.

Книгата ќе ја претстави писателката Оливера Ќорвезироска, а промоцијата ќе биде придружена со настап на екипа од театарот „Сенки и облаци“ која ќе одигра претстава според еден од расказите.

„Арно ама“  е прва книга за деца на Малеска, која досега ги има објавено збирките раскази „Недоразбирања”, „Именување на инсектот” и „Мојот непријател Итар Пејо”, романите „Бруно и боите” и „Призраци со срмени нишки” и драмата „Случка меѓу настани”.