Арсенал ја прекина црната серија

Во последниот меч од 16-то коло од англиското фудбалско првенство Арсенал на гостувањето го победи Вест Хем Јунајтед со 3:1, остварувајќи ја првата победа во последните осум кола.

„Топчиите“ дуелот со „Чеканите“ го дочекаа со серија од седум кола без победа. Последната лигашка победа Арсенал ја остваруи пред два месеца против Борнмут, а потоа впишаа четири нерешени и три пораза.

Серијата конечно ја прекинаа против градскиот ривал, иако во првото полувреме изгледаше дека црната серија на Арсенал уште ќе трае.

Вест Хем поведоа во 38 минута со голот на Анџело Огбона на нафрлување од Пабло Форналсо. Домашните го одржуваа водството до 60 минута, а потоа нивната одбрана се распадна и за девет минути примија три гола. Израмни Габриел Мартинели во 60 минуита, шест минути подоцна Николас Пепе ги доведе гостите во водство, а прашањето на победникот го реши Пјер-Емерик Обамејанг во 69 минута.

За разлика од Арсенал која ја прекина црната низа, Вест Хем го запиша петтиот пораз во последните шест кола, па со 16 бода е на 16-то место, само бод повеќе од местото кое води во понизок ранг. Арсенал, пак, сега е деветти на табелата во групата екипи од осмото до 11-то место со по 22 бодови.

На табелата води Ливерпул со 46 бодови, Лестер е на второто место со 38 бодови, а трет е актуелниот шампион Манчестер Сити со 32 бода.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.