Арсенал со гостинска победа над Кристал Палас ја отвори Премиер лигата

Новата сезона во англиската Премиер лига беше отворена во петокот со дуелот меѓу лондонските клубови во кој Кристал Палас беше домаќин на Арсенал а на „Селхарст Парк“ стадионот славеа гостите со 2:0.

Бразилецот Габриел Мартинели во 20 минута со глава го постигна водечкиот погодок за „Топчиите“, по асистенција на Украинецот Александр Зинченко. На вториот погодок се чекаше до 85 минута, кога на нафрлувањето на Сака бекот на Кристал Палас, Марг Гуеи со глава ја спроведе топката во сопствената мрежа.

Саботната програма во Премиер лигата во 13,30 часот го отвора дуелот Фулам – Ливерпул, во 16 часот почнуваат натпреварите Борнмут – Астон Вила, Лидс – Вулверхемптон, Њукасл – Нотингем Форест и Тотенхем – Саутемтон, а од 18,30 часот играат Евертон и Челзи.

Во недела се играат трите преостанати меча: во 15 часот играат Лестер – Бренфорд и Манчестер Јунајтед – Брајтон, а во 17,30 часот Вест Хем – Манчестер Сити.