Арслани: За избори може да се зборува кога би имале период од две недели под 5 отсто позитивни на Covid-19 од вкупниот број тестирања

Заменик министерот за здравство, Арменд Арслани во емисијата „Топ Тема“ на телевизија Телма им порачува на политичарите дека за избори може да зборува само доколку би имале период од две недели во кој бројот на позитивни дијагностицирани на Ковид-19 би бил под пет посто (5%) од вкупниот број на тестирања, нешто што во овој период не е случај.

Истакна дека денешните статистики покажуваат дека процентот, на ново дијагностицирани од вкупниот направени 145, е 14,5 отсто.

„Моментално, според ови бројки, според мене и според комисијата во наредните неколку дена не би можело истото да се споредува. Но, сепак, ако имаме дневни информации во текот на наредните две недели, и врз основа на тие статистики и тие истражувања кога би покажале дека овој бројот на новозаразени во овие 14 дена е под пет посто (5 отсто), дури тогаш би имале простор да се разговара за оваа тема“, рече Арслани запрашан дали во Македонија има услови да се зборува за датум за избори.

Тој порача дека, сепак комисијата за заразни болести треба да биде таа која што ќе треба да заклучи дали имало услови за избори, а не политичарите.