Арсовска: Борбата со тешката болест на мојот син ме научи дека сè е можно ако се борите и не се откажете!

Независната кандидатка за градоначалник на град Скопје, Данела Арсовска во интервју за Женски магазин открива дека борбата со ракот и здравјето на нејзиниот син се нејзиниот најголем предизвик и токму таа борба ја направи посилна и ја научи да не се откажува и покрај сите предизвици кои ги носи животот.

„Борбата со тешка болест а едновремено борбата која ја имавме за животот на нашиот син. Ништо не ме формираше повеќе како личност како тој период. Велат дека секоја битка нè прави посилни. Пораснав не само како мајка, туку и како личност. Во тие моменти еден збор не е дозволен – откажување. Мора да размислувате прецизно и да се надминат емоциите за да се донесат одлуки кои значат живот. По се што помина, емоциите се дозволени и тие се присутни постојано. Борба за својот живот и за животот на своето дете во еден момент се премногу голем товар, но сега велам ако не изгубив во таа борба, нема никогаш да изгубам. Научив да се борам и научив дека се е можно ако се борите и никогаш не се откажете“, вели Арсовска.

Арсовска истакнува дека една од причините за нејзината независна кандидатура за градоначалник е состојбата на градот и земјата, за што вели дека се проблеми кои сите ги гледаме и сакаме работите да се променат, дополнувајќи дека како менаџер, со сето знаење има конкретен план за Скопје да биде современ град со квалитетни и одржливи решенија.

„Сакам да го променам Скопје на подобро и имам јасна визија и план како да го направам тоа. Затоа се кандидирам на овие избори. Сакам како човек да покажам дека може да е поинаку. Без политички борби, без политички игри, без политичка реторика – како независен градоначалник и некој кој ќе работи за сите скопјани, сакам да постигнам  решенија и видливи подобрувања, во корист на градот и граѓаните, а не на поединец или партија. На Скопје не му треба градоначалник кој ќе ги гледа градот и скопјани како обврска и товар, туку градоначалник кој ќе им служи на луѓето”, додава таа.

На прашањето дали тоа што е жена е предност или минус во ваков тип кампања, Арсовска вели дека Скопје никогаш до сега во 30 години независност на Македонија немало жена градоначалник на главниот град, но, исто така, ниту национална стопанска комора никогаш немала жена за претседател се до нејзиниот избор за прва жена претседател на сојузот, а сега е време на Скопје.

„Живееме во 21 век, дури и во регионот во Косово во моментов има жена за претседател, во Србија жена премиер. Ако сакаме да станеме модерен, европски град, воопшто не треба ни да да се разговара за полот на кандидатот. Она што е многу поважно, е тоа што за првпат, шанса да стане градоначалник нема маж кој се пробива низ партиски структури, туку независна жена, жена која никогаш не се занимавала со партиска политика, без партиско-членство со реални шанси да стане првиот независен градоначалник на Скопје. Ова не е само шанса за главниот град, ова ќе ја промени Македонија – го симболизира крајот на времето, дека партиско членство е единствен критериум за да се постигне нешто во оваа земја. Од сега да се цени квалитет и на секој да му се даде подеднакво шанса за успех” истакнува Арсовска во интервјуто за Женски магазин.

Таа додава дека нејзината визија и цел се да му ја врати душата и убавината на Скопје кое за жал денес е град кој стагнира и не функционира.

„Мојата визија за Скопје е град кој ќе ја негува традицијата, а сепак и да гледа кон иднината, Скопје како еколошки чист град, без сообраќаен метеж, каков што заслужуваат сите скопјани со квалитетен спортски и културен живот.  Чист град, со квалитетна градска инфраструктура, каде што нашите деца ќе живеат дишејќи чист воздух. Град во кој вреди да се живее и до кој ќе се гордееме. Ова е она што сакам да го постигнам во следните 4 години”, изјави Арсовска.

Погледнете го интервјуто на Женски магазин

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.