Арсовска демантира нешто што не е објавено

Град Скопје упати демант на објавен текст, без да го наведе.

„Со жалење констатираме дека дел од медиумите користејќи се со манипулации, дезинформации и половични информации се обидуваат да се стават во улога на браник на приватни компании од кои се бара кривична одговорност поради енормното загадување кое го предизвикуваат во градот Скопје.

Просториите на градот Скопје се приклучени на градската топловодна мрежа, и на тој начин се затоплуваат. Информацијата дека градот Скопје користи мазут за загревање на просториите на градот во целост ги демантираме“, се вели во демантот на Град Скопје.

Бидејќи текстот не е наведен, ако мисли на „Данела набавува мазут за ЈСП, дали ќе си поднесе кривична против себе?“, тогаш го промашиле демантот. Во текстот никаде не е наведено дека Град Скопје за загревање користи мазут.

Во објавениот текст наведуваме дека минатата година на 30 ноември ЈСП Скопје набавило мазут (М1 ХЦ) во вредност од 105.528 евра. Исто го направиле и ЈЗУ Универзитетска клиника за физикална медицина и рехабилитација Скопје и Заводот за рехабилитација набавил мазут. На ова се повикавме на Јавни набавки – е-набавки-гов.мк.

Поради овие причини беше поставено прашањето дали Арсовска ќе поднесе тужба против себе.

Очекуваме од Град Скопје да кажат дека направиле грешка.