Арсовска: Фирмите се во очајна состојба и почнаа да одјавуваат вработени, мерките не се доволни

91

Компанија која има кредит од 250.000 евра е принудена да ги одјави своите 400 вработени затоа што нема приход и не може да им дава плата, а камоли да го плаќа кредитот, друга од услужниот сектор денеска ги одјавила 150-те вработени. Ова е суровата реалност во земјава, а економијата е силно погодена од ширењето на коронавирусот и запирањето на активностите. Коморите поздравуваат што има какви било мерки од Владата, но велат дека ефектите од кризата тешко ќе се ублажат на ваков начин.

Владата утрово објави сет мерки меѓу кои се и бескаматни кредити за погодените сектори и ослободување од 50 отсто од придонесите.

Данела Арсовска од ССК вели дека кредититирањето ќе помогне, но не многу значајно, а ослободувањето од придонесите нема да има голем ефект затоа што и така компаниите немаат приходи, па нема да можат да исплатуваат плати.

-Немаат за плати, немаат приходи, не се во добра состојба фирмите. Почнаа да одјавуваат работници, а работниците нема каде да одат. Дури не може ни да се иселат како што беше тоа досега. Донесените мерки се добри, но можеби вакви требаше да се донесат пред две недели. Сега треба да се подлабоки и да ја следат реалната ситуација, вели Арсовска за Фактор.

Овие мерки според неа се носени на показатели од минатиот месец, што во старт ги прави нецелосни затоа што ситуацијата се менува во денови и во часови. ССК бараше одложување на кредитните рати за три месеци со можност за одложување за уште три месеци и УЈП да не санкционира три месеци ако не се платат дел од даноците и обврските кои ги имаат фирмите.

Владата објави денеска дека се обезбедени вкупно 5,7 милиони евра со кои ќе се кредитираат директно компании поради неликвидност, односно компании чија што економска активност е погодена од коронавирусот. Секоја компанија, во зависност од бројот на вработени, ќе може да добие од 3 до 30 илјади евра. Микро компаниите, до 10 вработени, ќе може да подигнат кредит од 3 до 5 илјади евра, малите компании со 10 до 50 вработени, ќе може да подигнат кредит од 10 до 15 илјади евра и средните компании со 50 до 250 вработени, ќе може да подигнат кредит од 15 до 30 илјади евра. Она што е овде важно е дека овие кредити се бескаматни, со каматна стапка од 0 проценти. Грејс периодот на овие кредити ќе биде 6 месеци, а рокот на отплата 2 години.

Ќе се субвенционираат и придонеси за вработените во компании од секторите туризам, транспорт, угостителство и други погодени компании, за месеците април, мај и јуни од 2020 година, со субвенција на придонеси по вработен во висина до 50% од просечна плата исплатена во 2019 година, под услов компанијата да не го намали бројот на вработените под бројот на вработени во месец февруари од 2020та година и ова да важи од денот на користење на мерката.

Извор: ФАКТОР

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.