Арсовска им должи 112.500 евра на советниците, надоместокот не им е исплатен од април

Дури 112.500 евра им должи Градот Скопје и градоначалничката Данела Арсовска на сите 45 советници во Советот на Град Скопје. Тие пари треба законски да ги добијат како надомест за извршувањето на нивната функција, а дел од нив наплатата ќе ја бараат преку суд, пишува ПлусИнфо.

Според информациите во разговор со неколку советници, ниту еден од нив нема добиено пари за мај, јуни, јули, август и за септември, во висина од една просечна плата или околу 500 евра.

Ова го потврдува и претседателот на Советот, Трајко Славески, кој вели дека средствата редовно се уплаќале до април, а според него Арсовска има дадено усна наредба парите повеќе да не им се исплаќаат.

-Точна ви е информацијата околу долгот на град Скопје кон советниците. На нив, според закон, им следува месечен надомест за извршување на функцијата во висина од една просечна плата, исплатена во РМ во изминатата година, во бруто износ (се задржува персонален данок). Заклучно со април оваа година, надоместот се исплаќаше редовно, кога по наредба на Арсовска, најверојатно усна, Сектор за финансии престана да го исплаќа надоместокот, вели Славески, пренесува порталот.

Советот на град Скопје има две прекинати седници за советнички прашања, затоа што градоначалничката Арсовска не доаѓа за да одговори на прашањата на советниците.

– На 24 септември испратив писмо до Арсовска, со молба да посочи една од двете предложени датуми за одржување седница во октомври наменета за поставување советнички прашања – 12 или 19 октомври. Арсовска не одговори на дописот. Совет на град Скопје треба да одржи редовна седница за 26 октомври и во консултација со координаторите на советничките групи е договорено истиот ден да закажеме седница за поставување советнички прашања, пред започнувањето со редовната седница. Не можам со сигурност да кажам дека градоначалничката Арсовска и овој пат нема да ги бојкотира советниците, ускратувајќи им ја можноста да ѝ постават прашања на седница – вели Славески.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.