Арсовска на 30. прослава на Бадник пред Соборниот храм ,,Свети Климент Охридски”

Со традиционално делење на осветени бадникови гранчиња и народен собир пред Соборниот храм „Свети Климент Охридски“ во Скопје, денеска се одржа 30-то скопско бадникување.

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска во своето обраќање до граѓаните пред Соборниот храм се осврна на значењето кое го носи празникот Бадник, посакувајќи им на сите граѓани добро здравје, среќа и благосостојба.

– Ви посакувам добро здравје, многу успех, благосостојба за сите. Сакањето и почитувањето треба да бидат одраз на христијанството секој ден во годината. Затоа сакам да ви посакам да се почитуваме, да бидеме хумани и да помагаме, еден на друг да си бидеме подадена рака и да овозможиме во оваа година сите да ја поминеме многу подобро и многу посреќно од онаа што замина, истакна градоначалничката Арсовска.

Поглаварот на Македонската православна црква-Охридска архиепископија г.г. Стефан, откако ја освети погачата, порача дека нема нешто попотребно од мирот на земјата, од мирот во секој човек, мирот во семејството и мирот меѓу државите и народите, а граѓаните да живеат во мир и меѓу себе да покажуваат добра волја.

– Сето она што го подготвуваме и го правиме за празниците, во слава и чест на Бога и неговите свети треба да биде одраз на она што во себе постојано го доживуваме, го носиме и живееме. Само така, само со живот според верата, секој ден ќе ни наликува и ќе ни биде како Божик. Ние сме од оние народи кои со особена радост го дочекуваме празникот на Христовото рожденство, во семејствата, меѓу соседите, па и во цели населби. Скопските бадникари веќе со децении покажуваат колку денешниот празник не зближува и ни носи радост на сите, рече Архиепископот охридски и македонски, г. г. Стефан.

Овогодишните бадникарски кумови, Драган Спасов – Дац и Александар Митевски, како и здравичарот Живко Поповски – Цветин им го честитаа празникот на граѓаните, посакувајќи им здравје, насмевки и мир во секој дом.

Минатогодишниот кум др. Никола Пановски упати најискрени желби за добра душа, а Бадник и Божиќ да ни дадат многу сила сега кога ни е најмногу потребна, дополнително порачувајќи дека оваа година кога кумството се предава на многу уметници, посакува да биде година на уметноста, година на творештвото и година на будење.