Арсовска најави изградба на мостовите во Аеродром и Карпош

Мостот кој треба да поврзува три општини, Аеродром, Гази Баба и Центар – истиот како таков е впишан во параметрите на моментално важечкиот ГУП. Тоа за дел од стручната фела на урбанисти, планери и архитекти значи дека е неминовна неговата изградба, објави ТВ24.

Според професорот и архитект, Мишко Ралев мостот како инфраструктурен објект е анализирана потреба и неспорен овозможувајќи на градот флексибилност и ефикасност во поглед на сообраќајот.

– Затоа што градот сам по себе претставува супер систем од интегрирани потсистеми. Сообраќајот тука е битен дел од тој суперсистем за функционирање на градот. Со тоа што мора да биде ставен во некаква интегрирана целина. Градот не е гринфилд простор па можеме да калкулираме односно да се пропуштиме на идеални состојби, туку градот е во постојан развој – постојано менување – вели професорот и архитект, Мишко Ралев.

Од кабинетот на градоначалничката Данела Арсовска, за ТВ24 велат дека и покрај имотно-правните проблеми врзани при изградбата на мостот, истиот ќе се заврши како проект.

– Планот на Градот Скопје е изградбата на овој проект да се заврши, поради што ќе се продолжи со разрешување на имотно-правните предмети и спорови со цел реализација на проектот. За жал, овој проект претходниот градоначалник го отпочнал без да има чиста состојба, односно нерешени се околу стотина имотно-правни предмети. Поради неодговорната работа на претходното раководство на градот, за изградба на овој мост, ќе бидат потребни повеќе години за негово поврзување, бидејќи почнал да се гради без обезбедено решение како би се завршил целиот проект – велат од кабинетот на Арсовска за ТВ24.