Арсовска: Ниту една клевета нема да ме натера да се откажам

Исплашени од ревизијата на работата на Петре Шилегов во изминатите 4 години што ја најавив час претходно, срамно излегоа да обвинуваатодговори денеска Данела Арсовска, кандидат за градоначалник на Град Скопје, одговарајќи на прашањето дали менаџирала со спортската сала во Расадник, Кисела Вода.

– Стравот и нервозата се тие кои што предизвикаа некој за еден час да трча и да излегува со лажни обвинувања и со нешта коишто навистина се небулозни, за кои денеска ќе си следи соодветна тужба. Јас немам намера на два дена пред завршувањето на овие избори, односно пред моментот кога скопјани ќе имаат можност да одлучуваат, да се објаснувам со луѓе кои бесрамно лажат за да го скријат својот срам и за луѓе кои сакаат да си ги скријат криминалите. А срамот, стравот и ова безобразие сите скопјани го гледаат. Она кое што мора да се знае е дека 42 години немам никаква дамка, ниту лично, ниту професионално, а доколку би имала, не би се впуштила во ваква трка да се натпреварувам со вакви бесрамни луѓе коишто 4 години го трошат Буџетот на скопјани и ниту еднаш не дадоа отчет каде отидоа овие пари, а ни едно од ветените нешта во програмата во 2017 година не реализираа – рече Арсовска.

Арсовска најави тужба за, како што рече, изнесените лаги и невистини врз неа на само 2 дена пред гласањето за претстојните локални избори од страна на СДСМ. Таа нагласи дека 42 години нема никаква дамка во нејзината кариера и порача дека ниту една клевета против неа нема да ја натера да се откаже од тоа после 17 октомври да се направи ревизија каде завршиле парите од продадената Градска куќа, како и парите на скопјани.

– И затоа ќе си следи тужба денеска за овие кои што лажат и манипулираат и кои што во 42 години немаа никогаш ништо да кажат лошо за мене, а тоа го вадат поради тоа што се уплашија затоа што им реков дека ќе им го ревидирам работењето и ќе си има одговорност за овие кои што 4 буџети на граѓаните ги потрошија. Тужбата ќе си го покаже своето. Значи, немам намера некој да фрла дамка на мене по 42 години за нешто за кое треба јас да се докажувам по медиуми. Тие ќе си кажат после 17 октомври каде се парите на граѓаните и нема да се откажам од тоа. Џабе, што и да направат во следните два дена за да фрлат по мене, треба да знаат дека нема да се откажам. Слободно може да се обидувате 42 години чесно живеење да ги извалкате и тоа што го кажав вчера јас ќе го реализирам, нема никакви притисоци да предизвикаат да потклекнам на тоа што го кажав – децидна е Арсовска.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.