Арсовска од Шуто Оризари: Неработниците што само ветуваа, заминуваат – доаѓа време за брзи решенија на старите проблеми

Дали денес секоја улица во Шуто Оризари има водоводна и канализациона мрежа која ја ветуваа пред 4 години? Каде е новиот Културен дом со програма и буџет кој овој градоначалник го вети за Шуто Оризари? Дали го пробија булеварот Словенија за да го поврзат овој дел од Скопје? Дали го решија пристапот по главната улица тука во Шуто Оризари? Ништо нема остварено од ова, ама затоа пак, истите проекти пак си ги ставил во новата програма, порача Данела Арсовска, независната кандидатка за градоначалник на Скопје, на вечерашната средба со граѓаните на Шуто Оризари.

Пред насобраните жители дури и на дождливо време, Арсовска се обврза дека од првиот ден како градоначалник ќе даде налог да се утврдат сите проблеми, слабости и недостатоци и за нив да дадат решенија. “Канализација, вода, асфалт, автобуски превоз и игралишта за најмладите мора да има секое населено место во и околу Скопје. За тоа нема компромис. Во Шуто Оризари има суштински проблеми од 20тиот па дури и од 19тиот век, кои одамна требаше да бидат зад нас”, истакна Арсовска.

Арсовска дополни дека во програма има конкретни проекти, кои се брзи и сигурни решенија за старите проблеми на Шуто Оризари.

-Ќе се посветиме на проширување на Македонско-косовска бригада од Чаир кон Шуто Оризари. Ќе обезбедиме побрзо и побезбедно патување од и до Шуто оризари, Чаир и Бутел. Проширување и продолжување на булевар Словенија до Ѓорче Петров, е исто така еден од приоритетите. Од Шуто Оризари, повторно ќе покажеме дека Скопје се грижи за сите свои граѓани. Дека никој не е заборавен. Се обврзуваме да најдеме инвеститор за базен во Шуто Оризари. Градот ќе изработи проект за изнаоѓање партнери за изградба на базен и во овој дел на Скопје, потенцираше независната кандидатка.

 Арсовска уште дополни дека предвидено е зголемување и проширување на субвенциите и помошта за поставување енергетски ефикасни фасади, печки на пелети, соларни и фотоволтаични панели, инвертер клими и топлински пумпи за индивидуалните и колективни домаќинства.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.