Арсовска: По чија мерка ќе се кројат постапките за јавни набавки?

Постигнување квалитет како основен критериум врз кој е потребно да се заснова процесот на спроведување на јавните набавки, преку кои во земјата се трошат до една милијарда евра годишно, во моментов е и еден од најголеми предизвици во постапките, вели во писмената изјава за медиумите од вторникот, Данела Арсовска
челничка на Сојузот на стопански комори на Македонија

Можностите за корупција, оценува натаму Арсовска, поради вклученост на големи финансиски средства и директен контакт меѓу јавниот и приватен сектор се големи, а потребно е да се вложат сите напори тоа да се елиминира.

Истакнува, исто така, дека слабостите кои деловната заедница ги детектирала  и кои претставуваат потенцијална опасност за нетранспарентна постапка со цел склучување коруптивни зделки при јавните набавки се уште постојат, бидејќи не беа интегрирани клучните барања на приватниот сектор во Законот за јавни набавки кој сега во својата нова форма повторно има значителни недостатоци.

„Една позитивна промена од старото законско решение е што во новиот Закон за јавните набавки од 1 април годинава се напушти концептот на најниска цена со прифаќање на „економски најповолна понуда“, каде се земаат предвид критериуми како најдобар однос помеѓу цената и квалитетот, цена или трошоци со користење на пристапот на исплатливост и слично, што беше и едно од барањата на деловната заедница“, посочува Арсовска.

Сепак, како што во продолжение појаснува претседателката на ССКМ, уште пред носењето на законското решение биле детектирани и посочени голем број слабости, особено за тоа на кој начин ќе се применува новиот модел, бидејќи направен е сериозен пропуст со тоа што не се вклучени забелешките на деловната заедница во неговото изготвување. Оттаму, вели Арсовска, се поставува прашањето кој ќе учествува во јавните набавки ако не компаниите, чии искуства институциите кои ги изготвуваат актите не ги вклучуваат за да се отстранат досегашните недостатоци, туку си ги кројат актите по своја мерка.

„Дополнително, до крај на септември годинава, предвидено е да се донесат 18 подзаконски акти со кои ќе се допрецизираат низа битни прашања утврдени во законот, како на пример набавка од мала вредност, електронски пазар и каталог и слично. Според последните информации, надлежните институции веќе имаат донесено одредени подзаконски акти, а дел се во подготовка“, додава Арсовска.

На почетокот на април, на последната од редовните консултативни средби на Сојузот со делегација на Европската комисија, а во присуство на компании од повеќе сектори на тема јавни набавки, било детектирано што ќе произлезе како недостиг во практиката предизвикано од непрецизирање на регулативата.

Подзаконската регулатива има за цел допрецизирање на материјата опфатена во Законот за јавни набавки, при што сериозен проблем е доколку претставниците на приватниот сектор не бидат консултирани за отстранување на детектираните недостатоци во нејзиното изготвување, затоа што од компаниите потоа ќе се очекува да го имплементираат квалитетно законското решение.

„Eдно од барањата на деловната заедница беше, за спроведување на критериумите за избор на економски најповолна понуда да се изработат подзаконски акти  за најважните индустрии поединечно, бидејќи има големи разлики во критериумите кои можат да се истакнат пример за јавна набавка во градежништвото или во трговијата како гранки кои имаат различни специфики. За истото беше истакната потребата од донесување на правилници со упатства кои ќе укажуваат на специфични критериуми за секоја индустрија поединечно, за прецизирање и точно утврдување по кои услови ќе се избере економски најповолна понуда со што ќе се минимизираат можностите за слободно толкување и за злоупотреба“, се вели во изјавата на челничката на стопанските комори.

Според Арсовска, состојба на делумно применлива регулатива со големи можности за злоупотреба е неприфатлива, неопходно е во соработка со стопанството да се одреди прецизно начинот на реализација на изборот на најповолна понуда.

„Воедно, потребно е да биде воспоставен систем на контрола кој ќе овозможува поголема транспарентност не само во изборот на најповолна понуда туку и врз реализацијата на договорите, дали тие се исполнуваат согласно тендерската документација и понудата, како и дали од страна на институциите навремено и согласно договорите се подмируваат финансиските обврски. Единствено така ќе добиеме квалитетнo решениe кое ќе биде применливо во пракса со минимална можност за корупција и злоупотреби, ќе обезбеди лојална конкуренција на пазарот и еднаков третман за сите“, заклучува Арсовска во изјавата.