Арсовска: Покрај урбанистичкиот и сообраќаен хаос, примарен фокус ќе ми биде културата, уметноста, спортот и се она коешто е значајно за скопјани

105

Тука кај нас во Македонија и воопшто на скопјани им е преку глава од политизација од партиски препукувања и од сето она кое што секојдневно го гледаат, вели Данела Арсовска, независен кандидат за градоначалник на Град Скопје во интервју за централниот дневник на ТВ Телма.

Арсовска посочи дека планира фокусот на нејзиното работење да биде базирано токму на квалитет и добро менаџирање, нагласувајќи дека како родена скопјанка сака од Скопје да направи подобар град.

Верувам дека можам со квалитетите да бидам едно освежување како што вие напоменавте на политичката сцена и покрај тоа што јас не сум политичар и никогаш не сум се занимавала со политика. Планирам фокусот на она кое што ќе го направам и кое што го правам до сега да биде базирано на квалитет, да биде базирано на менаџирање и практично да го дадам најдоброто од себе. Пред се одлучив затоа што сметам дека како родена скопјанка, како некој кој што целиот свој живот го живее тука, како мајка, како сопруга, како некој кој што сака моето дете да остане во Македонија, да направам нешто подобро за овој град, вели Арсовска, потенцираше Арсовска.

Арсовска додаде дека кампањата за локалните избори ќе биде исклучиво позитивна бидејќи како што рече на скопјани покрај сивилото во кое што сега живеат сакаат да видат свежина, а како што потенцираше покрај урбанистичкиот и сообраќаен хаос, фокус ќе биде културата, уметноста, спортот и се она што е значајно за скопјани да живеат поубаво.

Она кое што можам да го кажам за мене е дека мојата кампања ќе биде крајно позитивна. Верувам дека сите како што напоменавте на почетокот во сивилото и во она кое што сега ни се случува сакаат да видат некој кој што може со свежина, со позитивно да им го врати и духот и животот на скопјани, и она кое што за нив е значајно и да се почувствуваат едноставно како да живеат во една светска метропола, каде што ќе има фокус не само на овие примарни и важни работи како урбанистичкиот хаос, како разрешување на проблемите кои што се имаат во сообраќајниот хаос и оној метеж кој што го гледаме секојдневно во градот, туку и да има еден примарен фокус на културата, на уметноста, на спортот и на сето она кое што е значајно за да живееме поубаво, изјави Арсовска.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.