Арсовска: Се соочуваме со енормно загадување и ќе се обидеме да го санираме

Жал ми е што оваа состојба со загадениот воздух во која што градот е во овој момент некој ја користи за политиканство и собирање на ситни политички поени. Има простор да се подобри состојбата, меѓутоа кога критиките доаѓаат од некој што во моментот е власт во Македонија и имаше добри четири години време да ги реши проблемите и тоа имаше големи буџети, сега е некоректно некој да кажува за 50-тина дена дека некој бил или не бил во можност да ја среди состојбата која тие имаа можност четири години да ја средат, изјави вечерва во Тема на денот на Сител, градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска.

– Во изминатиот период има засилени инспекциски надзори. Само за изминатиот месец имаме отприлика околу 54 инспекциски надзори поврзани со загадувањето. Во изминатите две години имало само 4 инспекциски надзори, ние сега во еден месец направивме 54. Се движиме во значително квалитетна насока, рече Арсовска.

Арсовска напомена дека власта во изминатите четири години не направила ништо, се потпирала само на добрите временски услови за да нема енормно загадување.

-Ние во овој момент се соочуваме со енормно загадување кое што ќе се обидеме да го санираме со тоа што ќе ги отстраниме сите причинители кои допринеле да се случи ова кое што го имаме во овој момент. Тоа е да делуваме на загадувањето кое доаѓа од домаќинствата, од градењето, од дивите депонии. Во овие 60 дена исчистивме околу 120 диви депонии, рече Арсовска.