Арсовска: Таравари може да си поставува кадри во Гостивар, а не во Скопје

Не ја разбирам вообразеноста и коментарите на господин Таравари, со оглед на тоа што соработката ни е завршена уште вчера. Кадровски решенија може тој лично да си поставува во Гостивар, а не во Скопје.

Вака му одговори градоначалничката Данела Арсовска на градоначалникот на Гостивар Арбен Таравари кој денеска ѝ порача дека Алијанса за Албанците ќе размисли дали ќе продолжи со нивната соработка откако таа експресно го разреши в.д. директорот на Комунална хигиена, чиј брат употреби пиштол во вчерашниот инцидент кај споменикот „Скендербег“ во Скопје.

„Со личност која напаѓа, која нема етички компас, оправдува во која било форма насилство и напад со огнено оружје, како во вчерашниот инцидент, и подгрева меѓуетнички тензии, нема основ да се соработува. Скопје е град на соживот, солидарност, во кој нашите сограѓани треба мирно и безбедно да живеат и да се почитуваат“, порача Арсовска.