Арсовска: Титулата почесен конзул на Унгарија ја стекнав во 2020 година со одлука на Владата на СДСМ, факти објавени во Службен весник

За почесниот конзулат на Унгарија, таа титула ја стекнав на крај на 2020 година со одлука за согласност од оваа влада и со одлука за отворање на конзулатот повторно од оваа влада предводена од СДСМ и тоа се факти објавени во Службен весник, изјави кандидатката за градоначалник на Скопје, Данела Арсовска за „Жешко политичко лето“ на Канал 5, во однос на нападите и манипулациите од СДСМ дека таа била нечиј човек.

Арсовска вели дека како претседателка на Сојуз на стопански комори во изминатите 10 години соработувала и со владата на ВМРО-ДПМНЕ и со владата на СДСМ и тоа не ја прави ничиј човек и посочи дека таа е човек само на скопјани.

– Досега не сум била член на политичка партија и тоа се факти. Ја објавив својата кандидатура како независен кандидат кој претендира да биде градоначалник на Скопје и поддршката ја добив и од скопјани и од моите пријатели, а исто така понатаму поддршка за поубаво Скопје добив и од ВМРО-ДПМНЕ и им благодарам за тоа. Јас ги повикам и се надевам на поддршката од Алијансата за Албанците, Алтернатива и сите останати политички и општествени чинители и најважно од се верувам дека ќе ја добијам поддршката од скопјани се надевам и од симпатизерите на СДСМ, изјави Арсовска.

Арсовска истакна дека и покрај тоа што од првиот ден власта се служи со навреди, напади лаги и манипулации кон неа, таа нема да обрнува внимание на тоа и нејзината кампања ќе биде позитивна фокусирана на решенија за граѓаните, додека за нејзиниот против кандидат Шилегов изјави дека нему одговорот ќе му го испорачаат скопјани на 17 октомври.