Арсовска, ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ согласни: На вонредна седница ќе се одлучува за помош на настраданите од земјотресот во Турција

Катастрофалниот земјотрес во Турција и тешките последици од истиот беше повод, градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска, како и партиите ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ да се едногласни.

Сите изразија сочувство и длабоко жалење за жртвите, истакнувајќи дека поднеле барање-иницијатива за итна седница на Советот на која ќе се одлучува за помошта за настраданите која ќе биде испратена.

-Нашите мисли и молитви се со семејствата на загинатите и повредените во катастрофалниот земјотрес во Газиантеп. До градоначалникот на Газиантеп испративме и писмо со сочувство и ја понудивме нашата помош доколку тоа е потребно. Градот Скопје е град на солидарност кој никогаш нема да ја заборави помошта, поддршката и солидарноста на братскиот турски народ. До Советот на Град Скопје испративме барање на следната седница советниците да одлучуваат за хуманитарна помош за настраданите во катастрофалниот земјотрес, се вели во соопштението од Град Скопје.

Советничката група на СДСМ и коалицијата поднеле барање за свикување на итна седница на Советот со една точка на дневен ред односно Одлука за давање помош на настраданите граѓани во катастрофалниот земјотрес во Република Турција.

-Предлог Одлуката се предвидува, како израз на солидарност кон граѓаните на Република Турција, од подрачјата зафатени со катастрофалниот земјотрес да се додели парична помош во износ од шест милиони денари, односно близу 100 000 евра. Овие средства можат да се обезбедат од Буџетот на Град Скопје за 2023 година, односно потпрограма А0, ставка 412, односно постојана резерва (непредвидливи расходи). Очекуваме претседателот на Советот веднаш да свика вонредна седница, а од мнозинството советници одлуката да биде изгласана.Град Скопје како град на солидарноста и пред своите граѓани и пред светот има одговорност согласно своите можности да помага на секој град кој се соочува со несреќи и природни катастрофи, каков што е страотниот земјотрес во Турција, се вели во соопштението на СДСМ.

Советничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата за Обнова на Македонија изрази жалење и сочувство за жртвите од земјотресот во Турција и Сирија.

-Скопје како град на солидарноста и како град кој ја има почувствувано жестината на последиците од оваа природна катастрофа треба да испрати помош во рамките на своите можности. Советничката група на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата за Обнова на Македонија ќе поведе иницијатива за вонредна седница во Градот Скопје за доделување на еднократна помош за настраданите од земјотресот во Турција и Сирија, велат од ВМРО-ДПМНЕ.