Арсовска во Истанбул: 12 светски жени лидери со пораки до владите на глобално ниво

Претседателот на Сојузот на стопански комори на Македонија, Данела Арсовска учествува на седница на бордот на Глобалниот комитет на жени лидери. Од овој настан Комитетот кој соработува со претседатели на држави и влади на глобално ниво ја адресира пораката за изедначување на третманот на жените. Арсовска е член на бордот на Глобалниот комитет.

Членовите на Комитетот на жени лидери, се глобално етаблирани, влијателни личности кои со својата решителност и храброст во различните области на делување, бизнис, уметност, политика, претприемништво, дипломатија презеле значајни мерки за подобрување на улогата и местото на жената. Арсовска е член на бордот,  како резултат на интернационалните достигнивања и функција во највисоката позиција во раководството на Светска коморска федерација WCF,  која раководи со над 12.000 стопански комори глобално, како една од три жени во светот.

Арсовска на седницата на бордот,  истакна дека и покрај тоа што прашањето за еднакви можности е ставено на агендите на владите низ светот, сепак предизвикот останува главно нерешен, а напредок во последните децении на светско ниво е ограничен. Таа смета дека квотите кои постојат во јавниот сектор се доказ дека доколку институционално не се наметне овозможувањето на еднакви услови за напредување, тогаш жените тешко дека ќе постигнат еднаков третман. 

На седницата се дискутираше за предизвиците на денешницата со конкретен стратешки план за делување во следните две години. Во рамки на официјалната посета на Истанбул,  Арсовска е и панелист на Глобалниот самит на жени лидери, каде на високо ниво се присутни повеќе од 500 еминентни личности од политиката, економијата и науката на светско ниво.