Арсовска: Во тек се ревизии на работењето на Град Скопје и на јавните претпријатија во изминатите години, нотирани се злоупотреби

Стотина нови административци биле вработени непосредно пред изборите. Во изминатите четири месеци гледаме како владејачката партија пласира невистини и манипулации дека ќе бидат потрошени средства на партиски вработувања што не е точно,  изјави градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска во вечерашното гостување на ТВ Шења.

„Претпоставувам дека мислеле на нешто што тие планирале да го направат, но сега не се во можност бидејќи ги изгубија изборите. Неопходно е во градот и во јавните претпријатија да се консолидираат процесите. Ние гледаме дека тие ја зголемиле бројката на вработени за 100 нови, а услугите коишто им се нуделе на граѓаните не биле ништо поквалитетни. Напротив, трошеле пари на кафеани, на непродуктивни трошоци и сега повеќе за тие намени не се трошат парите на граѓаните“, оцени скопската градоначалничка.

Арсовска истакна дека се во тек ревизии на работењето на градот  и на јавните претпријатија во изминатите години и фактичката состојба од истите укажува на сериозни проблеми, истакнувајќи дека претпријатијата се финансиски девастирани.

„Сериозни ревизии се во тек, за дел имаме конкретни информации и за истите отпочнавме со информирање на јавноста. Во моментов ги сумираме дел од забелешките коишто ги добивме, но ќе покренуваме и соодветни постапки за нотирани злоупотреби на службената должност и овластувања и се што се правело а не било во интерес на граѓаните. Има основани сомненија, за истите ја известуваме јавноста и понатаму се доставуваат до надлежните институции коишто би требало по истите да постапат, за истото да не се повторува и во иднина“, рече Арсовска.