Арсовски: Анѓушев ја користи функцијата да го зголеми своето богатство

172

Кочо Анѓушев ја користи функцијата, вицепремиер во владата на Заев, за со парите на граѓаните, од Буџетот на Република Македонија, да го зголеми своето богатство на над 30 милиони евра, обвинуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

-Да почитувани граѓани, Кочо Анѓушев од вашите пари, нашите пари, преку државното претпријатие ЕЛЕМ, во државна сопственост, си додели тендер во висина од 2.6 милиони евра на сопствената фирма „Фероинвест“, со што ќе го зголеми своето богатство на над 30 милиони евра. Ова е скандал од невидени размери и типичен пример за злоупотреба на државниот Буџет, се со цел лично богатење на врхушката на власт. Додека обичниот граѓанин макотрпно работи за просечна македонска плата, мултимилионерот Анѓушев за само еден ден заработува 2.6 милиони евра. Додека просечна македонска фирма работи 10, 20, па и 30 години да направи обрт од еден милион евра, мултимилионерот Анѓушев за само еден ден заработува 2.6 милиони евра, и тоа само благодарение затоа што е вицепремиер во владата на Заев, па може да влијае врз работата на државните институции, истакна Димче Арсовски, потпретседател на УМС на ВМРО-ДПМНЕ.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека Кочо Анѓушев со ниту една изјава не може да го прикрие своето нечесно и неморално работење. Кочо Анѓушев, додаваат, посегна врз парите на граѓаните се со цел да си го зголеми своето лично богатство на над 30 милиони евра.

-Ние неколку пати предупредивме дека ова е само една бонбона бизнис за владата на СДС, Заев и Кочо Анѓушев. Правдањата на Анѓушев дека се е во ред со тендерот кој неговата фирма го добила, само заради тоа што тој не ја управувал истата, туку бил сопственик, се смешни и потценувачки за интелегенцијата на граѓаните. Граѓаните гледаат дека милионерите Анѓушев и Заев го цедат државниот Буџет, Буџетот на граѓаните, полнејќи ги своите приватни сметки. Граѓаните гледаат како криминалците од врвот на власта се богатат и стануваат мултимилионери злоупотребувајќи ги нивните пари. Пари кои наместо да бидат инвестирани во нови автопатишта, болници, школи, студентски домови и железници завршуваат во џебовите на неколку луѓе од власта. Заев и неговите министри на државната каса едноставно гледаат како на средство, за полнење на своите приватни сметки и сметките на своите приватни фирми. Токму затоа и владата на СДС најавува либерализација на пазарот на електрична енергија, со што ќе се отвори простор за фирмите на Кочо Анѓушев да книжат и заработуваат милионски профити на дневно ниво, и сето тоа да биде на грбот на граѓаните. Граѓаните кои ќе плаќаат повисоки и поскапи сметки за струја. ВМРО-ДПМНЕ го повикува надлежното Јавно обвинителство да утврди кривична одговорност за тоа како се влијаело и под кои услови тендерот припаднал во рацете на фирмата „Фероинвест“ која е на вицепремиерот Кочо Анѓушев. Потребно е итно поништување на тендерот како и оставка на мултимилионерот Кочо Анѓушев. Анѓушев на позицијата вицепремиер на владата добива информации за економската состојба во државата и фирмите, и истиот овие информации може да ги злоупотреби за создавање огромни добивки за своите фирми, со што создава нелојална конкуренција и ги става другите фирми во подредена положба.         Граѓаните бараат оставка. Граѓаните бараат одговорност. Граѓаните ќе стават крај на ваквото криминално работење на 15-ти октомври кога ќе кажат што мислат за нечесното работење на владата на Зоран Заев и владата на Социјал-демократскиот сојуз, заклучува Арсовски.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.