18.8 C
Skopje
вторник, април 16, 2024

Арсовски: Дали е прикриен шверц на брендирана роба на фирма блиска до Заеви?

Вчера во медиумите можевме да прочитаме вести како од најдобрите времиња на транзицијата на СДСМ, ова денеска преку прес-конференција го истакна Димче Арсовски од ВМРО-ДПМНЕ.

-Шверц и криминал. Низ медиумите вчера излезе сериозна вест пропратена со слики, во која медиумите пишуваа дека е фатен камион со нецаринета брендирана роба, која вклучува и автомобилски делови и крајната дестинација била да се истовари во скопската населба Шуто Оризари. Би сакале јавно да прашаме, дали ваков камион со нецаринета брендирана роба и автомобилски делови е фатен од страна на службени лица на МВР и однесен во полициската станица Шуто Оризари? Дали камионот кој ја превезувал робата е на блискиот соработник и пријател на семејството Заеви, кој имено е и сопственик на фирмата „Сакаов транс“, која пак е вршител на транспортот на оваа роба? Дали робата која што се превезувала, за која што медиумите пишуваат дека е на фирмата „Винекс текстил“ е на блискиот пријател на Заеви, и бизнис партнер во одредени бизниси на семејството Заеви, Крмзов кој пак важи и за близок пријател на братот на Зоран Заев, Вице Заев. Дали во моментите кога бил камионот однесен во полициската станица од страна на службените лица, превезувал нецаринета, односно шверцувана роба и дали има некаква белешка за тоа? Бидејќи службените лица за тоа и го застанале и го однеле во станицата, вели Арсовски.

Тој прашува дали е вистина дека вчера откако камионот бил фатен со оваа роба од неофицијално која што чини над стотици илјади евра, половина министерство, вклучувајќи ги и раководните структури на министерството се јавиле да интервенираат за да камионот бил ослободен и пуштен?

-Дали е вистина дека бил вршен притисок врз полициските службеници да се заташка целиот случај, со закани дека доколку не се стори тоа ќе страдаат самите тие и нивните семејства? Дали е вистина дека за таа ургенција директно бил задолжен блискиот соработник на Крмзов, братот на Зоран Заев, Вице Заев, за кој се споменува дека и неофицијално бил вмешан во целата шема? Вака функционира мафијата на власт. Ова се прашања кои треба да ги одговори СДСМ, МВР, но и премиерот Зоран Заев бидејќи се споменуваат лица од неговото потесно семејство и блиски соработници на неговиот брат. Тука МВР е најповикано доколку има вакво заташкување на случај сите оние кои што ѕвонеле да ургираат за заташкување на истиот случај треба да одговараат. Мафијата од Струмица работи буквално се. Од местење тендери, до шверц на роба, цигари како во Ново Село и се останато. Ова е мафија на власт предводена од Зоран Заев и неговото семејство. Овие луѓе не заслужуваат да бидат на власт, треба да одговараат, вели Арсовски.