Арсовски: Дали тутунот завршил во Арачиново?

Ова место позади мене, кое треба да биде Влада на Република Македонија, стана дувло и извор на криминал и корупција. Од наместени тендери, до шверц на тутун, сè што се прави криминално во државава е аминувано и потекнува директно од оваа зграда позади мене, рече портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски, на денешната прес-конференција.

– Откако Јавното обвинителство отвори случај за неплатена акциза на увезен тутун кој бил продаден внимавајте нелегално, повторно молк од институциите и обид за спин дека наводно биле лажни вести. Не само што не се лажни вести туку следствено оди вака – најпрвин се обидоа да го игнорираат целиот овој скандал со шверц на над 100 тони тутун, потоа се обидоа да го заташкаат преку монтиран случај во Јавното обвинителство кое што го отворија без воопшто да изнесат информации што и како се работи во случајот, па велат лажни вести биле и на крај  ќе испадне дека како и секогаш половина Влада знаела за ваков криминал и молчела, затоа што е милионски криминал, и најверојатно некој се офајдил и од нив – рече Арсовски.

Јавноста и пред сè чесните тутунари, додаде тој, заслужуваат да знаат, а институциите треба да одговорат на неколку прашања.

– Дали тутунот завршил во скопско Арачиново и на уште неколку места во Скопје? Дали за овој тутун можеби некој земал субвенции исто како да го одгледувал откако го откупил нелегално? Дали е пуштен нелегално во промет и со тоа се заработени милионски суми на пари во евра? Дали институциите се обидуваат да го заташкаат сето ова и затоа молчат? Дали за овој случај тогаш како министер бил известен и Љупчо Николовски и бидејќи се работи за негови пријатели од Крива Паланка, едноставно премолчил? Ова се одговорите кои треба да ги даде и обвинителството, но и оваа криминална и коруптивна Влада. Обвинителството треба да каже дали се повикани луѓе на разговор, дали се обезбедени докази за целиот случај, и нормално кој е осомничен и кој ќе одговара? Бидејќи, како што реков, се работи за криминал во милионски суми евра. Ова е голем случај, ова е скандал од милионски размери, ова е случај каде што за сметка на милионите кои што ги зема власта, страдаат чесните тутунари и земјоделци. И секојдневно плачат за нивната неплатена мака. Одговорност мора да има за ова криминално дувло позади мене – истакна Арсовски.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.