Арсовски: Датумот за изборите треба да биде со консензус

Датумот за одржувањето на изборите треба да биде договорен со консензус, истакна портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски.

„Нормално е консензуално да се донесе датумот за изборите бидејќи и консензуално односно едногласно беа одложени изборите. Не би требало сега да исполнуваме нечии желби на очајни политичари кои се пред крајот на својата политичка кариера како што е Зоран Заев“, рече Арсовски одговарајќи на новинарски прашања.

Во однос на вонредната состојба, Арсовски кажа дека ќе мора да бидат согледани сите аргументи кои што ќе гравитираат околу продолжувањето или непродолжувањето на вонредната состојба.

„Во овој момент можам само да искоментирам дека несфатливи се и не можат да бидат разбрани од страна на граѓаните, ниту пак од било кој во државата односно конфузни се властите од СДСМ односно владата предводена од СДСМ, зошто? Затоа што во еден момент бараат прекинување на вонредната состојба во друг момент бараат нова вонредна состојба која што беше продолжена 15 дена. Во еден момент велат дека треба да има педесет шест или осум часовен карантин, колку и да беше минатата недела, веќе наредниот ден велат дека треба да прекинат сите мерки и дека треба да се отвори се во државата за да функционира многу нормално. Така да гледаме дека се случува една шизофрена ситуација во СДСМ. Не се координирани конфузни се, така да треба да почекаме да ги согледаме реалните аргументи и со трезвена глава, доколку има некој трезвен во Владата на СДСМ, а гледаме дека нема да се одлучи дали треба или не треба вонредна состојба“, нагласи Арсовски.