9.8 C
Skopje
среда, април 24, 2024

Арсовски: Димова да поднесе оставка веднаш, да не се остава време за прикривање на документацијата

Три дена молк од Јавното обвинителство за случајот со 270.000 евра доделени на фризерница. Лидија Димова како актуелна директорка на Националната агенција за европски образовни програми и мобилност, изминатите три години е загушена во криминал, обвини на денешната прес-конференција портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ Димче Арсовски и побара Домова веднаш да ја напушти функцијата за да не прикрива евентуални докази.

Според него, криминални дејствија во споменатата Агенција се воочуваат во доделувањето тендери, набавката на луксузни автпомобили и џипови, во доделувањето грантови, меѓутоа и покрај документите кои се презентираат во јавноста, Јавното обвинителство сѐ уште не презема никаков чекор.

„Замислете, фризерница која земала 270.000 евра за едукација за медиумска писменост, во 2017 година има завршна сметка со нето добивка од 3.000 денари, а веќе 2018 година откако почнува соработката со Лидија Димова и грантовите, истата фризерница има нето добивка од 2.700.000 денари или фризерница со две столчиња има добивка околу 43.000 евра добивка. Ова е пораст од 2017 во однос 2018 од 85.000% на добивката“, рече Арсовски и посочи дека ниту најреномираните и најлускузни салони за разубавување во земјата не заработуваат толкави „огромни суми“, а не „берберница со две столчиња“.

Но, и покрај ваквите основани сомнежи, повтори портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, ниту Јавното обвинителство, ниту некој друг надлежен нема да се осмели да покрене каква и да е постапка.

„Од едноставна причина затоа што ги штити Зоран Заев и Лидија Димова и сите останати“, констатираше Арсовски.

Според неговата оцена, веројатно ова ќе биде уште еден случај каде што има сомнеж за директор на значен од Зоран Заев и СДСМ, кои ја злоупотребуваат службена должност, а обвинителството и премиерот го штитат.

„Лидија Димова да си даде оставка веднаш! Ваков директор не смее да ја води оваа институција. Секој поминат ден како директор во институцијата е ден повеќе да прикрива докази и сокрива документација истото како што се случуваше од Катица Јанева во СЈО“, заклучи Арсовски.